Француско одликување за Орхан Памук

Турскиот писател Орхан Памук , добитникот на Нобеловата награда за книжевност во 2006 година, е одликуван со орден на Легијата на честа, највисокото француско одликување, откако минатиот петок ја прими угледната данска награда Сонинг.

„И покрај сите официјални признанија, останува писател на авангардата и вечен иноватор“, истакна француската министерка за култура Орели Филипети примајќи го во својот кабинет Орхан Памук, турскиот литерат чиишто книги се продадени во повеќе од 11 милиони примероци во целиот свет, пренесува AFP.
„Слободата на вашиот стил совршено ѝ одговара на човековата слобода… Вие кој никогаш не се двоумевте, дури ни по цената на голема осаменост, да се кренете против заборавот и историското молчење“, додаде француската министерката Филипети обраќајќи му се на Памук.
Шеесетгодишниот Орхан Памук е еден од ретките турски интелектуалци коишто во 2005 година јавно го призна турскиот геноцид врз Ерменците во Првата светска војна. Поради тоа повеќепати беше судски прогонуван во татковината, а по иселувањето во САД во 2007 година, екстремистите ми се закануваа со смрт. Тој и денес живее на американскиот континент.
Памук е турски автор чии дела се најпродавани во светот и се преведувани на повеќе од 60 светски јазици. Во 2006 година станува првиот турски писател кој ја добил Нобеловата награда за книжевност.
Повеќето од неговите романи станаа класици, како „Тивка куќа“, „Се викам Црвена“, „Црната книга“, „Со друга боја“, „Снег“ (за кој во 2005 година ја доби наградата Медичи за најдобра странска книжевност), „Музеј на невиноста“.

Макфакс

Пронајдете не на следниве мрежи: