Изборите во САД – фер и слободни

Фер, слободни и демократски се претседателските избори во САД според претставниците на набљудувачката мисија на ОБСЕ.
Како што јави Глас на Америка, изборите минале во мирна атмосфера и без нарушување на редот, иако биле регистрирани големи редици на некои гласачки места, што придонело за мешаници, велат од ОБСЕ.

Организацијата распореди 100 набљудувачи од 20 држави на изборните места ширум САД.
Жоао Соарез, пратеник во португалскиот парламент и шеф на набљудувачката мисија на ОБСЕ за претседателските избори во САД, за Гласот на Америка коментира:  “Два збора – изборите беа слободни и фер.  Нивниот изборен систем е тежок за разбирање во споредба со европските, но функционира“.
Португалскиот претставник не забележал поголеми потешкотии во изборниот процес.
„Немаме извештаи од теренот за големи прекршувања на изборниот процес за време на гласањето во САД. Регистриравме незначителни прекршувања, што се присутни кај сите земји во светот“, рече Соарез.
Американскиот сенатор Бен Кардин акцентираше дека Мериленд, за прв пат во историјата на оваа сојузна држава, спровел процес на рано гласање, што наишло на голем одзив меѓу гласачите.
Тој и останатите членови од ОБСЕ ги отфрлија извештаите во руските медиуми дека имало голем број случаи на прекршувања на меѓународните стандарди за изборниот процес.
Но, ОБСЕ оцени дека финансирањето на политичките кампањи од приватни извори има потенцијал негативно да влијае врз праведноста на изборниот процес.
За претседателските избори во САД, преку директни донации од приватни лица или од корпорации биле собрани четири милијарди долари.  Севкупно, двата политички табора во кампањата, републиканскиот и демократскиот, за изборите потрошиле шест милијарди долари, со што овој изборен процес стана најскапиот во историјата на САД.

Макфакс

Погледнете ги следниве статии

Обама го победи Ромни

Обама и Ромни израмнети на првото избирачко место

Штабовите на Обама и Ромни незадоволни од иницијативата на модераторот на идните дебати

Пронајдете не на следниве мрежи: