Секој од нас секојдневно одвојува барем по неколку минути за својот изглед.
Средениот изглед, надополнет со одредени додатоци и прошаран со соодветни чевли и чанти, се грижа речиси на секоја дама.
Би излажале доколку би рекле дека не се чувствуваме убаво кога сме средени дотерани од глава до пети.
Грижата за својот изглед е важна етапа од патот кон изградба на сопствен стил. За некои дами изградбата на сопствен стил и не е баш лесен.
Желбата „слепо“ да се следат модните хитови и да се облече парче од секоја нова модна сезона, е во контрадикција со изградбата и негувањето на сопствен стил.
Додека едните неуспешно се борат и потпаѓаат под влијанието и притисоците на модните трендови, постојат и такви кои и пркосат на модата и со својот изглед и стил се изградуваат себе си во модни икони. Утврдувањето на тоа што најдобро прилега на физичкиот изглед, карактер ,темперамент и правилниот начин на нивно носење им помогнало на одредени дами на „невин“ начин себеси да се изградат во модни икони. Нивното појавување и функционирање пред пошироката јавност никогаш не останало незабележано, туку напротив привлекло многу погледи и создало многу модни следбеници.
Одри Хепберн
Нејзиниот избор бил удобност во секое парче облека и елеганција наместо сексапил. Кога ќе се спомене името на Одри, прва слика која ви излага пред очи сигурно е девојката со добро држење во црн фустан и големи очила. Со нејзината појава во филмот „Појадок кај Тифани“, направи малиот црн фустан да биде задолжително парче облека за секоја жена. Свој белег остави и со појавата и носењето на црни капри панталони, балетанки и куси мантили.
Принцезата Дијана
Таа е одличен пример за тоа како една жена може да се трансформира од обична срамежлива девојка, во модна икона. Нејзините први јавни појавувања се обележани со недостаток на стил и срамежливо движење. Но, нејзиното созревање е причината за нејзината голема преобразба и постанувањето модна икона. Свој белег остави со дизајнирани фустани со јаки бои, интересни наметки, панталони и костими.
Дајана Рос
Таа е обележјето на 70-тите години и симболот на диско ерата. Таа се смета и за кралица на музиката, благодарејќи на нејзината работа во еден од највлијателните бендови во 60-тите години, „The Supremes“. Но, моден успех доживува една деценија подоцна. Препознатлива е по турбаните, додатоците со реси, долгите и лелеави фустани како и по крзното.
Бети Пејџ
Да не се појавеше таа, денес можеби немаше да постојат ни следбеничките на нејзиниот стил: Дита Вон Тисе, Кети Пери, Кристина Агилера и многу други. Црвените усни, кадриците, истакнатиот струк, градниците, кусите тесни шорцеви, црните корсети и тесните здолништа, се карактеристиките на овој стил. Истакнувањето на сексуалноста на жената е главен атрибут на овој моден стил.
Грејс Кели
Таа е позната како девојката со вроден стил полн со елегантност и лице од кое зрачи невиност. Ракавици, бисерни обетки и ѓердани и свилени марами се парчињата со кои таа го обележала својот стил.
Мерлин Монро
Русокосата бомба ќе остане вечен симбол на сензуалноста. За неа беа карактеристични тесни фустани, фармерки со изразито висок струк, капри панталони и широки џемпери, околувратник на фустаните и секако високи потпетици.
Брижит Бардо
Симпатичната Французинка се прослави како девојка со впечатлив стил. Таа се прослави со деколтираните џемпери и бели маички, исечените фармерки, балетанките, црните качкети, како и со интересните бикини и кратки шорцеви.
Мадона
Жената која уште од првото свое јавно појавување привлече внимание на себе и кое го задржува во целиот свој работен век. Ексцентричен лик кој постојано ги краде туѓите погледи. Тешко е да се одвојат парчиња кои би го опишале нејзиниот стил, бидејќи таа е лик кој постојано се менува.
Кејт Мидлтон
Таа е најактуелната модна икона. Примерна, уредна, скромна, но со одредена доза на елеганција. Вака најдобро би можело да се опише стилот на најновата модна икона. Нејзината секојдневна облека е разновидна. Најчесто носи фустанчиња, вообичаено со цветен или морнарски дезен, пантолони и нежни не многу впечатливи додатоци. Но, кога станува збор за јавните кралски појавувања, костумите и фустаните се парчињата кои таа ги одбира. За одредени пригоди нејзиниот стајлинг е дополнет со интересно дизајнирани капи.
Прочитајте ги и следниве статии:
10те најдобри голи насловни страни на сите времиња
Моника Белучи и нејзината безвременска убавина
Фризури на стариот Холивуд
Пронајдете не на следниве мрежи: