Работен состанок на министрите за земјоделство од регионот

Министерството за земјоделство, шумарство и рурален развој на Република Косово* и Постојаната работна група за регионален рурален развој во Југоисточна Европа (SWG), ќе бидат домаќини на традиционалниот годишен работен состанок на министрите за земјоделство на Југоисточна Европа.

Шестиот министерски состанок ќе се одржи од 15 до 17 ноември во Приштина.
Состанокот ќе го отвори Премиерот на Косово Хашим Тачи, а  ќе го води Министерот за земјоделство, шумарство и рурален развој на Република Косово* – Блеранд Ставилеци кој воедно ќе го преземе и претседавањето со SWG од својот  македонски колега, министерот Љупчо Димовски.
Главна цел на средбата, на која освен министерските делегации од регионот, ќе присуствуваат и претставници на Европската комисија, ФАО, ГИЗ и други донаторски институции, е да се дискутира за регионалната соработка и реформите во секторот за земјоделство и рурален развој во насока на ЕУ интеграциите и претпристапната помош.
Преку дискусијата за реформите на Заедничката земјоделска политика и политиката за рурален развој на ЕУ за периодот 2014-2020, министрите подетално ќе се навратат кон заклучоците што беа донесени на регионалниот Форум за земјоделска политика што минатиот месец се одржа во Охрид под покровителство на Министерот Димовски, а тоа се пред се стратешките предлози за идната регионална соработка во рамките на платформата на Постојаната работна група за регионален рурален развој во Југоисточна Европа (SWG) како и соработката во регионот на Југоисточна Европа преку концептот на територијален развој.
Во рамките на работниот состанок на министрите, предвидена е и посета на неколку земјоделски претпријатија и преработувачки капацитети во Косово.

Макфакс

Пронајдете не на следниве мрежи: