Незадоволство во Србија по ослободувањето на Готовина и Маркач

Како политичка, а не правна одлука, српскиот претседател Томислав Николиќ ја оцени ослободителната пресуда на Хашкиот трибунал за хрватските генерали Анте Готовина и Младен Маркач.

Николиќ смета дека одлуката нема да придонесе за стабилизација на регионот, а Србите во Хрватска ги става во позиција на виновници.
„Претседателот Николиќ, по повод скандалозната одлука на Апелациониот совет на Хашкиот трибунал за ослободување на Анте Готовина и Младен Маркач од вината за прогонувањето на српското население од Книнска Краина во 1995 година, изразува став дека сега е сосема јасно дека Трибуналот донесе политичка, а не правна одлука“, се вели во соопштението на прес-службата на српскиот претседател.
Николиќ смета дека одлуката нема да придонесе за стабилизација во регионот, ќе ги отвори старите рани, а Србите во Хрватска ги става во позиција на виновници „над кои и натаму секој може неказнето да спроведува своја правда“.
„Во текот на операцијата Олуја се протерани преку 220.000 Срби и се убиени илјадници невооружени мажи, жени и деца. Кој е за тоа крив? Со денешната одлука на Хашкиот трибунал Хрватска може легитимно да го слави најголемиот прогон во светот по Втората светска војна. Држава која ниту на семејствата на исчезнатите Срби не им дозволува да утврдат каде се наоѓаат телата на нивните најмили. Ако до сега имаше причини да им веруваме на оние што тврдеа дека Хашкиот трибунал е неутрален, правичен и нешто повеќе од суд против Србија и српскиот народ, со најновата одлука за ослободување на воените злосторници е демантирано“, смета Николиќ.
Српскиот историчар Предраг Марковиќ ја оцени одлуката за шокантна.
„Ослободувањето на Рамуш Харадинај беше врв на непринципиелноста на Хашкиот трибунал, но ослободувањето на Готовина и Маркач го надминува и тоа“, вели Марковиќ.
„Никогаш нема да можеме да прифатиме, по ослободувањето на Харадинај, Готовина и Маркач дека Хашкиот трибунал е непристрасен и дека принципиелно донесува одлука“, вели Марковиќ за агенцијата „Бета“.

Макфакс

Погледнете ги следниве статии

Хаг ги ослободи хрватските генерали Готовина и Маркач

Атентаторот од Аризона осуден на седум доживотни казни

Иванов: Да се почитува одлуката на хашкиот суд

 

Пронајдете не на следниве мрежи: