Коби и Дурент ѕвезди на вечерта во НБА лигата

Коби Брајант и Кевин Дурент, ги одбележаа натпреварите во НБА лигата кои се одиграа во ноќта помеѓу неделата и понеделникот.

ЛА Лејкерс забележаа победа над Хјустон со 119:108, а Брајант го забележа 18-от ’трипл-дабл’ во кариерата. Суперстарот на Лејкерси натпреварот го заврши со 22 поени, на кои придодаде по 11 скокови и асистенции. Покрај Коби, кај ’езерџиите’ се истакнаа уште Двајт Хауард со 28 и Пау Гасол со 17 поени.
Лејкерси против Хјустон ја забележаа четвртата победа на последните пет натпревари, од моментот кога тренерот Мајк Браун доби отказ. Чендлер Парсоснс со 24 и Џејмс Харден со 20 поени беа најпрецизни во екипата на Хјустон, која го запиша шестиот пораз на последните осум средби.
Вицепрвакот во НБА лигата, Оклахома Сити Тандер го победи Голден Стејт со 119:109. Најефикасен кај Оклахома беше Расел Вестбрук со 30 поени, но победата ја одбележа Кевин Дурент кој го забележа првиот ’трипл-дабл’ во кариерата. Дурент мечот го заврши со 25 поени, 13 скокови и 10 асистенции.
Њујорк, откако во седмиот натпревар го запиша првиот пораз, во осмиот им се врати на победите. Никси на домашен терен, во крајно неефикасен натпревар ја победија Индијана со 88:76. Кармело Ентони со 26 поени ги предводеше Никси до седмата победа сезонава.
Детроит, како домаќин забележа победа над Бостон од 103:83, Филаделфија немаше проблеми со Кливленд, ’севентисиксерси’ победија со 86:79, Торонто го победи Орландо со 97:86, додека Портланд беше убедлив против Чикаго 120:94.
Единствената победа на гостински терен ја забележа Бруклин Нетс. Бруклин победи во Сакраменто со 99:90, Нетси имаат шест победи и два порази, што преставува нивен најдобар старт во првенството во последните 10 години.

Макфакс

Пронајдете не на следниве мрежи: