Најголемите фаворити за освојување на Лигата на Шампионите

Loading...

Сега, кога веќе помина добар дел од сезоната 2012/2013, конечно можеме да започнеме да шпекулираме кои се најголемите фаворити за освојување на најпрестижниот светски трофеј во клупска конкуренција.

Иако сме сигурни дека ќе има некакво изненадување, Европа има екипи кои се доволно квалитетни за да не дозволат тоа да ги одврати од патот кон славата. Иако историјата на клубовите не треба да се занемари, овде ќе ги земеме во предвид перформансите на тимовите во досегашниот тек од сезоната. 

Само еден клуб може да застане на европскиот трон во мај. Во пресрет на вечерашните натпревари од Лигата на Шампионите, да погледнеме кои се 5те најголеми фаворити во оваа конкуренција. 

 

5. Манчестер Јунајтед

 

После капитулацијата минатата сезона, Манчестер Јунајтед оваа сезона се покажува 10 пати подобро.

Тимот на Сер Алекс Феругсон е еден од најдобрите во цела Европа, а не смее да се заборави и дека во 2008 Јунајтед го освои пехарот. За момците на Ферги не е ништо ново тоа што мораат да бидат максимално подготвени да се борат на сите фронтови. 

Најголемиот проблем што би можел да се појави за Манчестер Јунајтед е нивната одбрана. Со фантастични фудбалери како Вејн Руни, Робин ван Перси, Хавиер Хернандез и Дени Велбек во нападот, овој реинкарниран тим на Јунајтед нема да има проблеми со постигнување голови – проблемот е да не се примат.

Лигата на Шампионите ја обединува европската елита на една сцена, и додека тимовите како Брага, Галатасарај и Клуж можеби не се имиња кои припаѓаат во оваа категорија, оние како Барселона и Баерн Минхен дефинитивно ќе му создадат проблеми на Фергусон. 

Манчестер Јунајтед покажува многу ранлива одбрана и во англиската лига, па тоа ни дава причина да веруваме дека со зголемување на притисокот од играње на неколку фронтови, ова би можело да се покаже како кобно во мисијата на Јунајтед да стане европски шампион. 

 

4. Реал Мадрид

 

Реал Мадрид е апсолутниот владетел на Европа. Кралевите се најтрофејниот клуб во историјата на натпреварувањето, а фактот што веќе поминаа повеќе од 10 години откако тие последен пат го освоија трофејот им дава уште поголема мотивација. 

Сепак, мора да се напомене дека “Лос Бланкос” имаат значителен пад во формата во споредба со минатата сезона. Се чини дека неуспехот во полуфиналето против Баерн мината сезона си го направи своето (сите го паметите пеналот на Рамос). Мурињо сеуште се обидува да го доведе тимот во рамнотежа оваа сезона, неговите ѕвезди никако не можат стабилно да застанат на нозе. Можеби фактот што Барселона веќе има огромна предност на врвот на табелата во Ла Лига ќе значи фокусирање на кралевите на Лигата на Шампионите, бидејќи Мурињо веќе успеа да ја освои Ла Лига, па би можеле “неофицијално” да кажеме дека неговиот апетит на тоа поле е задоволен (под овие околности, кога е извонредно тешко да се стигне една Барселона со толкава предност) . 

Реал Мадрид е во опасност и не смее да киксне против Манчестер Сити, бидејќи не успеа да ја победи Борусија Дортмунд во ниту еден од двата натпревари. 

Не смее да се заборави дека Реал Мадрид играше во полуфиналето во изминатите две сезони, па фудбалерите веќе се добро подготвени за притисокот што следи. Засилувањето на составот со Микаел Есиен ќе значи присуство на уште еден искусен фудбалер кој ќе донесе дисциплина во клучен дел од теренот. Освен тоа, Мурињо во својата кариера покажал дека го има рецептот да ги доведува своите тимови до самиот врв на Европа, освојувајќи ја титулата со Порто и Интер во минатото. Можеби за него ќе важи правилото “трета среќа” оваа година. 

 

3. Челзи

 

Тимот кој треба да ја одбрани титулата оваа сезона после херојскиот триумф во мај 2012 направи доволно добри засилувања за повторно да се наметне како еден од главните фаворити. Купувањето на Еден Хазард, Марко Марин, Виктор Мозес и Оскар на Стемфорд Бриџ и нивното комбинирање со Мата, Торес и Рамирес значи дека Челзи има ново оружје оваа сезона. Ова не е истиот тим кој минатата сезона успеа со дисциплинирана одбрана да ги порази големите Барселона и Баерн. Челзи има нов рецепт со фантастичниот напад, а тоа би можело да претставува проблем за неговите противници. Оваа сезона никој нема да може да каже дека Челзи ја освоил титулата “навредувајќи ја убавината на фудбалот”. Да не заборавиме дека Челзи и понатаму има една од најдобрите одбранбени линии во Англија. 

Но, Ди Матео ќе мора да биде многу внимателен доколку сака неговиот тим да избегне дебакл во групата E, откако Шахтјор неочекувано се наметна како сериозен конкурент за место во осминафиналето покрај актуелниот европски шампион Челзи, како и италијанскиот шампион Јувентус. 

 

2. Баерн Минхен

 

Баерн е една од најквалитетните светски екипи, и се чини дека постојано се чека моментот кога ќе достигнат доволна психолошка зрелост за да не паѓаат во клучните моменти и да ги губат своите најважни натпревари откако претходно покажале игра на која би завиделе и најголемите конкуренти. Баерн има 2 финалиња во изминатите 3 сезони, откако загубија во 2010 од веќе легендарната генерација на Жозе Мурињо во Интер, како и минатата сезона против дисциплинираниот Челзи, и покрај тоа што во барем една од тие прилики Баерн беше апсолутен фаворит. Репутацијата на Баварците вели дека тие ќе ја минат групата F и дека ќе завршат во нокаут-фазата. Оваа сезона, фудбалерите на Јуп Хејнкес го скршија рекордот за најмногу последователни победи во Бундеслигата. 

Во 2001, Баерн последен пат беше крунисан за крал на европскиот фудбал, под водство на Отмар Хицфелд, во време кога настапуваа легендарни фудбалери како Оливер Кан, Елбер, Шол итн. Баварците и оваа сезона имаат со што да се пофалат во овој поглед, бидејќи новите засилувања како Марио Манџукиќ и Хави Мартинез одлично се вклопуваат во новата средина. 

 

1. Барселона

 

Кој друг би се сметал за број еден фаворит ова оваа конкуренција? Во изминатите сезони Барса покажа дека е најдобрата екипа во Европа, па поради тоа секоја сезона ја започнува како апсолутен фаворит. И покрај промената на тренерската позиција оваа сезона, системот на Барселона останува проблем кој е скоро невозможно да се реши за нејзините противници. 

Тито Виланова внесе мали промени во играта на тимот оваа година, но флуидноста во играта на каталонските гиганти останува на врвно ниво, а додавањето на играчи како Жорди Алба и Алекс Сонг во тимот е исто така особено важно. Се разбира, функционирањето на безмалку совршениот систем на “тики-така” останува одговорност првенствено на Чави, Иниеста и Меси, но шансата било кој од овие тројца да не ја заврши својата работа квалитетно  е… непостоечка. 

Барса завладеа со Европа три пати во минатите седум години, па веќе точно знае што е потребно за да се стигне до самиот врв. Пред 3 години загуби во полуфиналето, а минатата сезона исто така беше близу до целта, но актуелниот првак, Челзи, успеа да ја изненади. Можеби е потребно подобрување во одбраната, особено со постојаните повреди на капитенот Пујол, како и падот во формата на Пике, но со средината и нападот кои ги има Барселона, се останато е проблем кој на крајот може да се испостави како занемарлив. 

По поразот во Ла Лига од Реал Мадрид минатата сезона, Барса е тим кој оваа сезона ќе се обиде да се врати на врвот со нови амбиции. Доколку фудбалерите успеат да ја вратат волјата да го дадат својот максимум за освојување на пехарот, Барселона ќе остане тимот од кој се плаши цела Европа, Камп Ноу ќе остане најлошото гостување дури и за најхрабрите противници. 

loading...