Тактичка анализа на натпреварот Јувентус – Челзи

Јувентус беше домаќин на актуелниот европски шампион Челзи на својот стадион во Торино вчера, од каде сините заминаа поразени со резултат од 3-0.

Сите очекувавме да гледаме тежок натпревар, но се чини дека во првите 15 минути беше јасно дека гостите од Лондон ќе си заминат дома со празни раце. Тактичката битка беше интересна во секој случај, а ни покажа дека Роберто Ди Матео не успеа да ги реши проблемите против одбраната составена од тројца фудбалери, а неговиот експеримент со Еден Хазард се покажа како крајно неуспешен. 

Еве анализа на неколку тактички сегменти од натпреварот. 

 

Формации

Јувентус излезе со својата типична 3-5-2 формација, при што Андреа Пирло ја имаше улогата на региста, а околу него играа Клаудио Маркисио и Артуро Видал. 

Челзи го употреби својот препознатлив пристап во формација 4-2-3-1, со мали промени во улогата на Еден Хазард во нападот, кој овој пат ја имаше улогата на “лажна деветка”, нешто слично на она што го игра Лионел Меси во Барселона. Чудна беше и улогата на Цезар Азпиликуета по десната страна. 

 

Важноста на бековите

Кога зборуваме за систем со тројца одбранбени фудбалери, често се заборава на важноста на бековите кои пробиваат по страните. 

Има неколку причини кои ја нагласуваат важноста на овие бекови. Прво, дозволува на двајца фудбалери слободно да трчаат со топката и буквално да го влечат својот тим кон нападот. Второ, ја шири играта до самите бочни краеви на теренот, со што им се обезбедува повеќе простор на фудбалерите кои играат во централниот дел од теренот. 

Ди Матео беше свесен дека Квадво Асамоа ќе претставува опасност по левата страна, па поради тоа го постави Цезар Азпиликуета како дополнителна поддршка пред Бранислав Ивановиќ. На другата страна, Џон Оби Микел играше подлабоко за да му помага на Ешли Кол да се справи со налетите на Лихтштајнер. 

Ова беа можеби најважните индивидуални битки на теренот, и со оглед на тоа што Старата Дама ги доби двете, логично беше дека Италијанците ќе го контролираат натпреварот. 

 

Леонардо Бонучи против Еден Хазард

Уште една важна битка се одвиваше во одбранбената линија на Јувентус, каде задачата на Бјанконерите беше да го задржат страотниот напад на Челзи. Леонардо Бонучи, како централна фигура во одбраната на Јуве, имаше задача да се извлекува за да го притиска Хазард. 

Можеби некои фудбалери ќе имаа проблем со итрите движења на Белгијанецот, но Бонучи покажа дека е на висина на задачата. Тој одлично се справи со Хазард, пресекувајќи 6 топки и притоа можеби давајќи му лекција на Фернандо Аморебиета за тоа како треба да се чуваат фудбалерите како Хазард, и, во неговиот случај, Лионел Меси. 

 

Одлуките на Ди Матео

Ова е четврти пат оваа сезона Роберто Ди Матео да се сретне со одбрана составена од тројца фудбалери, и во ниту една од тие прилики неговиот тим не се справувал со ситуацијата без проблеми. 

На отворањето на Премиер лигата, сините беа доминирани на ДВ стадионот против Виган, но и покрај тоа успеаа да добијат 3 бода со резултат од 0-2. Нерешениот резултат против Ливерпул и поразот од Манчестер Сити, како и оној вчера против Јувентус укажуваат на еден едноставен факт – веќе поранешниот тренер на Челзи не знае како да се справи против екипи кои употребуваат формација 3-5-2 или 3-4-3. 

Изборот да оди со Хазард во нападот беше многу бизарен. Ди Матео ги имаше Виктор Мозес и Фернандо Торес на клупата, па поради тоа одлуката да игра со Хазард на таа позиција лесно може да се доведе во прашање. 

Со оглед на тоа што неговиот тим има многу проблеми со екипи кои играат со 5 фудбалери на средината на теренот во поглед на поседот на топката, Италијанецот од Челзи практично се обиде да игра 4-6-0 како антипод за системот на Конте и Јувентус. 

Очигледно, не успеа. 

Пронајдете не на следниве мрежи: