Може да се каже дека групната фаза во Лигата на Шампионите оваа година не може да понуди поквалитетен дуел од овој.
Шампионите на Англија и Шпанија влегуваат во двобој, откако секој од нив победи во домашните првенства постигнувајќи по 5 гола. За двете екипи на овој натпревар победата е императив.
Ако Реал Мадрид не успее да добие барем еден бод вечерва, тие би биле во добра позиција да завршат веднаш зад Борусија Дортмунд, на втората позиација во групата Д – ова би значело пласман на кралевите меѓу најдобрите 16 екипи во Лигата на Шампионите.
Ако Сити не успее да победи вечерва, нивната сезона во ова натпреварување ќе заврши, а тоа ќе биде втора година по ред кога еден од најскапите состави во светот ја напушта Лигата на Шампионите во групната фаза.
Двата тима се во добра форма и имаат доволно добри состави да се борат до самиот крај на натпреварувањето. Прашањето е – кој ќе биде во подобра форма во Манчестер?
Еве неколку фудбалери на кои вреди да се обрне внимание за време на вечерашниот натпревар.
1. Џо Харт
Пред овој меч, Манчестер Сити е на последната позиција во групата со само 2 освоени бодови.
Да бидеме искрени, граѓаните треба да бидат задоволни и со овие 2 поени после 4 натпревари, а Џо Харт е меѓу најзаслужните за тоа.
Англискиот голман беше феноменален во натпреварите во европска конкуренција оваа сезона и имаше неколку интервенции кои го спасија Сити од посрамотување, особено во натпреварите против Реал Мадрид и Борусија Дортмунд.
На првиот натпревар кој Харт го одигра против “Лос Меренгес” тој имаше 12 интервенции, а во текот на мечот кон неговиот гол беа упатени 35 удари.
Hart на крајот на натпреварот имаше повеќе контакт со топката од Давид Силва и Самир Насри, креативните фудбалери на Сити.
Со оглед на тоа што Реал Мадрид е најмалку подеднакво опасен колку што беше на Сантијаго Бернабеу, Харт мора да биде подготвен напорно да работи вечерва.
2. Кристиано Роналдо
Последниот пат кога се соочија овие 2 тима, фудбалерите на Манчестер Сити беспомошно гледаа како португалската ѕвезда беше опколена од своите соиграчи после постигнувањето на победничкиот гол на Бернабеу.
Во досегашниот тек од сезоната, би можело да се каже дека Сисињо од Севиља беше единствениот играч кој успеа да ја неутрализира заканата од Роналдо во текот на целиот натпревар.
Без оглед на тоа кого ќе постави Манчини на десната страна, тој ќе има сериозни проблеми со Роналдо. Тој е едноставно премногу добар фудбалер и неговиот придонес во играта на неговиот тим не се сведува само на постигнување голови.
Во неговиот прв меч против Сити, Роналдо имаше само 3 удари во рамките на голот (од вкупните 10 упатени), но успешно ги комплетираше сите 50 додавања, а создаде и 3 гол-шанси.
Ако Сити се надева на било каков позитивен исход од вечерашниот меч, првиот проблем кој мора да се реши е задржување на Португалецот.
3. Давид Силва
Давид Силва не е во својата препознатлива форма, а за тоа неговиот тим плаќа многу висока цена. Ова беше особено јасно во првиот дуел на овие два тима.
Во првиот натпревар, Сити имаше премногу дефанзивен пристап, и искрено, изгледаше како да играат со страв од кралскиот клуб, особено во првото полувреме. Сепак, оваа стратегија се покажа како необично ефективна, Тие успеваа да ги спречат тогашните домаќини од постигнување гол дури до 76-тата минута и одлично ги искористија своите можности од контра-нападите.
Иако играта во одбраната на Сити функционираше одлично, во поголемиот дел од мечот Сити се бранеше и беше под постојана закана, при што ретко добиваше шанса да се закани по голот на Касиљас на спротивната страна.
Една од најзначајните причини за слабата игра на Сити оваа сезона е токму формата на Силва. Овој фудбалер мора да земе поголемо учество за време на натпреварите, а Манчини мора да му ги обезбеди условите за тоа. Силва мора да се труди да создаде повеќе шанси отколку што беше тоа случај на мечот во Шпанија, а Манчини мора да го ослободи од ограничувањата на игра строго преку контра-напади.
Одбраната на Реал не дозволува да се примат многу голови оваа сезона, но ако поранешната ѕвезда на Валенсија успее да ја создаде својата магија пред голот на “Лос Бланкос”, одличните напаѓачи на Сити без сомнение ќе бидат подготвени да ги искористат своите шанси.
4. Фабио Коентрао
Во минатонеделниот натпревар против Атлетик Билбао во Ла Лига, Реал Мадрид конечно потсети на фантастичната игра која ја имаше минатата сезона.
Еден од најголемите протагонисти во овој натпревар беше токму Коентрао.
Недостатокот на вистински лев бек на теренот беше убиствен за Мадрид во поглед на одбраната, но исто така значеше и пад во играта на Роналдо кој ја немаше онаа вообичаена поддршка по левата страна. Враќањето на Коентрао дојде во вистински момент, обезбедувајќи сигурност во одбраната, како и олеснување на работата на Роналдо во нападот, затоа што ризикот при неговите загубени топки беше значително намален.
Одличната игра на Коентрао мора да продолжи против актуелниот шампион на Англија. Ако Португалецот успева во своите пробиви за да му помага на Роналдо, а при тоа не дозволи да биде фатен вон позиција при контра-напади, Реал ќе има одлични шанси да создаде простор во тесната одбрана на Сити со ширењето на играта, а ќе се создаваат и повеќе прилики за удари од далечина – нешто што Роналдо со задоволство би го искористил.
5. Јаја Туре
Јаја Туре е еден од ретките фудбалери во светскиот фудбал кои се доволно физички и технички подготвени за да бидат корисни во секакво сценарио.
Освен Бастијан Швајнштајгер и неколку други (ретки) фудбалери, никој нема таков баланс на сила, брзина, визија и вештина во завршувањето на акциите како Туре.
Тој е способен да задржи фудбалери како Озил ограничувајќи го нивниот простор и време со топката, а притоа исто така секогаш е подготвен да се придружи на нападот кога за тоа се отвора можност.
Во првиот меч, кога Сити се бореше да го скрши Реал Мадрид, Туре практично сам се пробиваше во одбраната на кралевите, користејќи ја својата физичка моќ и техничка подготвеност за неколку пати да си создаде ситуација за погодок.
Мурињо ќе мора да најде начин да го контролира “чудовиштето” на средината на теренот на Сити. Веројатно е дека на почетокот на мечот Туре ќе има доволно простор за игра, затоа што не се очекува Сити невнимателно да се посвети само на нападот од самиот старт. Многу е веројатно дека за Туре ќе биде задолжен Микаел Есиен, кој би требало да добие предност пред Кедира, кој неодамна се врати од повреда, па не е 100% подготвен за ваков натпревар.
Фудбалерот од Гана ќе мора да го успори Туре, за овој да не може да ослободи простор за своите соиграчи во последната третина од теренот за Манчестер Сити.
6. Чаби Алонсо
Ова е фудбалерот кој ќе биде задолжен за Давид Силва. Алонсо e една од централните фигури во играта на Мурињо, и беше еден од најважните фудбалери во триумфот на Реал на Бернабеу.
На тој натпревар, Алонсо имаше најмногу контакт со топката и помина најмногу време со топката во споредба со сите останати фудбалери на теренот. Беше втор по бројот на додавања.
Тој е можеби најкорисниот и најсигурниот фудбалер во играта на Реал оваа сезона, а ќе мора да ја задржи одличната форма и во Манчестер.
Најтешката задача на мечот можеби ќе биде токму неговата, бидејќи тој се наоѓа на критично место на теренот, каде мора да бидат спречени сите напади на Сити пред вечерашните домаќини да влезат во опасната зона. Вечерашниот меч ќе стави на тест 9 потенцијални номинирани фудбалери за Златната Топка. Апсолутно станува збор за некои од најдобрите фудбалери на планетата, а прашање е дали некој од нив може да се пофали со поголема важност во текот на натпреварот од Чаби Алонсо.
Пронајдете не на следниве мрежи: