Македонските “Тигри” ги покажаа канџите!

 

Припадниците на полициската специјална единица „Тигар“ се најдоа во репотажата на новинарот Кристоф Мацл во австрискиот весник Кроненцајтунг.

Тој ги опишува Тигрите како македонската елитна единица, додавајќи дека по тренинзите со колегите од австриските „Кобри“, стануваат уште подобри,а во меѓувреме, се вбројуваат во врвните полиции на Балканот. Своите способности ги покажуваат при една акција против шверцери на Охридското езеро.

 

 Македонските Тигри ги покажаа своите канџи  

Пладневна идила на живописното Охридско езеро. Неугледен дрвен чамец лежи на песочната плажа. Одеднаш, истрели од пиштол. Автоматското оружје почнува да штрака, бучавата на моторни чамци и чадни бомби потсетуваат на молскавична војна! Точно, војната е во тек: борбата на македонските ловци на дрога против припадниците на хероинската мафија. И пред да сфатат што се случува околу нив, овие мрачни ликови лежат во песокот. Крупни полицајци има ставаат лисици на рацете. Пладневните ѕвона уште не замолкнале, а полициското комбе со уапсените шверцери на дрога се оддалечува од сцената.

 

Непоштедни вежби и најсовремени стратегии  

„Сцените на оваа акција на едното од клучните места на т.н. „балканска рута“ мошне јасно покажуваат една работа: македонските специјални единици ја исполниле својата домашна задача!“ – тоа е коментарот и воедно признанието што шефот на австриските „Кобри“, Ханес Гулнбрајн, го дава за своите колеги. Под австриско раководство, тие со недели, па дури и месеци беа обучувани и „полирани“. Непоштедните вежби, суровите борби гради в гради, тактичката и стратешката обука, од многумина „слабаци“ направиле врвни полицајци.

Денес, специјалните единици се подготвени за акција за неколку минути: во секое време и на секое место! А без овие полициски професионалци, борбата со македонските мафијашки структури би била како игра на мачка и глушец. Дека полициските „Тигри“ не се мачиња за галење се покажа и при операцијата „Диригент“: Големиот удар против 55-члената нарко-банда, диригиран лично од директорот на Јавна безбедност, Љупчо Тодоровски. Организатори и курири се приведувани и во Виена и во Скопје. Притоа се запленети и 19 килограми дрога (во вредност од 800.000 евра).

 

Без доверба нема ни вмрежена полициска активност

„Директниот контакт со нашите колеги во Виена, одличната вмреженост и пред сè, личните познанства беа одлучувачки фактори“ – со овие зборови шефот на македонската полиција го објаснува „Безбедносното партнерство – ILECU“.

„Довербата е камен-темелник на меѓународната полициска соработка и на успешно спроведените полициски акции“, вели Герхард Ланг, со право гордиот шеф-стратег на Сојузната криминалистичка служба. Токму на тоа и се должи откривањето на сторителите и следењето на трагата до Македонија. Но, акцијата би била како шлаканица по површината на водата, доколку не им се „помрсат конците“ и на „кумовите“. Сепак, нарко-милионите претставуваат моќ и влијание во земја нагризена од корупција.

Голобради момчиња наместо мажи како курири на дрога…

Оттаму, и шефот на Одделот за борба со економски криминал при крим-полицијата, Руди Унтеркефлер, на Македонците им дава правни совети во борбата против нарко-картелите. Всушност, јазот меѓу богатите и сиромашните во оваа мала балканска држава што е толку горда на „својот Александар Македонски“ е навистина голем: и додека на скопските булевари се нижат величествени објекти, заедно со новата (!) триумфална арка, а мафијашите поминуваат со своите „ферари“ пред луксузните хотели, илјадници други страдаат. „Оние што тука питаат со подадена рака, тие навистина се гладни. За да ја преживеат зимата, питачите собираат дрво за огрев“, објаснува еден полицаец, „додека нарко-бароните ладнокрвно ја користат токму оваа ситуација, во својата потрага по невработени што ќе им послужат како улични продавачи на дрога во земјите на ЕУ“.

Притоа, најчесто се регрутираат сиромашни момчиња од кои многумина преживуваат како продавачи на дребулии по раскрсници, перачи на шофершајбни или питачи. Брутални хулигани не доаѓаат предвид. Исклучиво момци без дамка во минатото и без каква било претходна казна се испраќаат на европските улици како продавачи на дрога. „Добрите момци без криминално минато не се упадливи. Со помош на туристичка виза, во Австрија остануваат до 90 дена и заработуваат 300 евра на ден. Притоа, не смеат да имаат контакти со никого. Доколку некој стане упадлив, или не го запази кодексот на молчење, истиот го враќаат назад“, објаснува инспекторот Горан Ф.

 

Во езерото длабоко 289 метри пливаат и трупови

Притоа, дрогата што Македонците ја нудат на нарко-пазарот е апсолутно висококвалитетна, апсолутно евтина и на крајот на секоја тажна наркоманска приказна, таа е апсолутно смртоносна! А, од длабочините на Охридското езеро, некои од вратените дилери никогаш не испливуваат на површина. Но, како и охридските рибари, така и ловците на дрога ги фрлаат своите истражни мрежи: „ако се појави хероинска ајкула, ќе биде харпунирана!“

 

„ILECU – ново оружје во борбата со мафија“

Побрза размена на информации благодарение на скратените и поедноставените комуникациски патишта. Дописи при допир на копче и добивање одговор во реално време! Тоа е новата девиза. „Под водство на Сојузната криминалистичка служба доаѓа до формирање на ILECU (International Law Enforcement Coordination Units” како револуционерна форма на полициската соработка во Европа, каде што заедно со Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Македонија, Црна Гора, Србија и Косово веќе две години се спроведуваат овие цели“, објаснува проектниот менаџер, генерал-мајорот Герхард Ланг од Сојузната криминалистичка служба. Вкупно 1200 полициски професионалци од овие држави се грижат за подобрата соработка во ЕУ.

 

Превземено од: denesen.mk

Пронајдете не на следниве мрежи: