Атентаторот од Бургас со вистинскиот идентитет влегол во Бугарија

Атентаторот од Бургас и неговите помошници со вистинскиот идентитет влегле во Бугарија, а потоа за време на престојот во земјата обезбедиле фалсификувани документи, изјави бугарскиот премиер Бојко Борисов за време на престојот во Царево.

Резултатите од досегашната истрага покажале дека атентаторот и неговите соработници на неколку наврати пред нападот ја посетите земјата. Изнајмувале станови, хотелски соби и автомобили со фалсификуваните документи, а во земјата влегувале и излегувале под својот вистински идентитет.
„По откривањето на идентитетот на атентаторот, ќе можеме да ја прикажеме целосната шема за нападот на бургаскиот аеродром“, вели Борисов.
„До моментов знаеме кои се лицата поврзани со атентатот кои доаѓале во Бугарија. Знаеме каде престојувале, знаеме со кого се поврзани и им ги знаеме врските со тој што се самоуби при нападот. За да се изнесе дополнителна информација, треба да се утврди идентитетот на бомбашот-самоубиец“, изјави Борисов.
Вкупно шест лица загинаа, а 32 беа повредени, кога бомбаш-самоубиец на 18 јули се разнесе во автобус на паркингот на аеродромот во Бургас. Во автобусот се наоѓаа вкупно 42 израелски туристи, главно млади, кои претходно пристигнаа во земјата со лет од Тел Авив. Текот на истрагата за нападот беше една од темите на средбата на премиерот Борисов со американскиот претседател Барак Обама во понеделникот во Вашингтон.

Макфакс

Пронајдете не на следниве мрежи: