’Линколн’ со најмногу номинации за Златен глобус

Филмот на прославениот режисер Стивен Спилберг „Lincoln“, драма за американската граѓанска војна со Даниел Деј-Луис во насловната ролја, освои седум номинации на 70-то доделување на наградите Златен глобус, вклучувајќи ги и признанијата за најдобра филмска драма и најдобар главен актер.

Со пет номинации следи драмата за иранската заложничка криза „Argo“ и новиот шпагети вестерн на Квентин Тарантино „Django Unchained”.
Покрај овие три филма, за најдобра драма номинирани се и трилерот „Zero Dark Thirty“ за ловот на американските специјалци на лидерот на глобалната терористичка мрежа Ал Каеда – Осама бин Ладен и „Животот на Пи“ снимен според романот на Јан Мартел за момчето коешто ќе преживеа бродолом.
Освен за најдобра филмска драма и главен актер, филмот „Lincoln“ е номиниран и во категориите за најдобар актер на споредна улога (Томи Ли Џонс) и актерка на споредна улога (Сали Филд), како и во категориите за најдобар режисер, за најдобро сценарио и за најдобра музика.
Филмот „Argo“ е номиниран за најдобра драма, за спореден актер, режисер, сценарио и музика, а „Django Unchained“ се натпреварува во категориите филмска драма, спореден актер (Леонардо Дикаприо и Кростоф Волџ), режисер и сценарио.
Во категориите за најдобри комедии или мјузикли се номинирани филмовите „Хотел Мериголд“, „Клетници“, „Кралството на Месечината што изгрева“, „Лов на лососи во Јемен“ и „Во добро и во зло“.
Покрај Даниел Деј-Луис за филмот „Lincoln“ во категоријата најдобар актер во драми се номинирани Ричард Гир („Арбитража“), Џон Хоукс („Seanse“), Џоакин Феникс („The Maste“), и Дензел Вошингтон („Лет).
За најдобра актерка во истата категорија на драми номинирани се Џесика Частејн („Zero Dark Thirty“), Хелен Мирен („Hitchcock“), Наоми Вотс („Невозможно“) и Рајчел Вејс („Длабоко сино море“).
Во категоријата најдобри актери во комедии или мјузикли номинирани се Џек Блек („Bernie”), Бедли Купер („Во добро и во зло“), Хју Џекмен („Клетници“), Јуан Мекгрегор („Лов на лососи во Јемен“) и Бил Мареј („Hyde Park on Hudson“).
Во истата категорија за најдобри актерки номинирани се, пак, Емили Блант („Лов на лососи во Јемен“), Џуди Денч („Хотел Мериголд“),, Џенифер Лоренс („Во добро и во зло“), Меги Смит („Quartet“) и Мерил Стрип („Зачин за брак“).
За најдобар режисер номинирани се Бен Афлек за „Argo“, Кетрин Бигелу за „Zero Dark Thirty“, Анг Ли за „Животот на Пи“, Стивен Спилберг за „Lincoln“и Квентин Тарантино за „Django Unchained“.
Во конкуренција за најдобар анимиран филм влегоа „Мерида храбрата“, „Моето најмило чудовиште“, „Хотел Трансилванија“, „Петте легенди“ и „Крш и лом“.
За Златен глобус во категоријата најдобрите драмски телевизиски серии конкурираат „Царството на пороците“, „На пат кон удолу“, „Downton Abby“, „Татковина“ и „Редакција“, а за најдобра комедија „Теоријата на големиот тресок“, „Епизоди“, „Девојки“, „Модерно семејство“ и „Smash“.
Петте филмови коишто ќе се натпреваруваат во категоријата филм на странски јазик се „Amour“ (Љубов) во германско-француско-австриска копродукција, шведскиот „A Royal Affair“ (Кралски работи), францускиот „1+1″ (Intouchables) (Недопирлив) , данско-британско-норвешката копродукција „Kon-Tiki“ и белгискиот „Rust and Bone“ (’Рѓа и коска).
Номинациите за филмските награди Златен глобус беа објавени во четвртокот од страна на Асоцијацијата на странските медиуми во Холивуд (HFPA), која што е и основач на доделувањето на овие признанија во 1942 година. Добитниците на годинешниве признанија Златен глобус ќе бидат прогласени на 13-ти јануари.

Макфакс

Пронајдете не на следниве мрежи: