ОБСЕ знаеле дека се спрема терористички напад во Гошинце и скриле?!

Мисијата на ОБСЕ (Организација за безбедност и соработка во Европа) во Скопје три недели пред да се случи нападот на терористите на полициската станица во Гошинце знаела дека се подготвува поголема акција во реонот на Липково и дека лица што се претставувале како ОНА барале логистичка и друга поддршка за стационирање поголема вооружена група во таа област. Сето ова, според нашите информации, ОБСЕ го премолчала, и не ги предупредила македонските безбедносни служби. Дека Мисијата на ОБСЕ знаела за вооружената група и подготовката на акција во Липковско стои во извештај на самата меѓународна организација, а кој се однесува на вонреден состанок на претставниците на дипломатскиот кор и меѓународните мисии во државата, одржан 24 часа по настанот во Гошинце т.е. на 22 април. Од ОБСЕ немаа коментар за ваквиот скандал за премолчување на безбедносна закана за државата иако една од нејзините цели е токму системот за превенирање вакви институции и следење на состојбите во пограничните области.
Терористичкиот напад не ја изненади ОБСЕ
– Од ОБСЕ известуваат дека имаат теренски податоци дека во текот на последните три недели се подготвува поголема акција во реонот на Липково. Нападот во Гошинце не е неочекуван. Нивниот извештај содржел податоци од месното население во Липково, но и од претставници на ДУИ во општината Липково кои зборувале за ова со теренските офицери на ОБСЕ во изминатите три недели пред инцидентот да се случи. Локалните жители на теренските офицери на ОБСЕ им пријавиле дека во реонот на Липково, лица кои се претставувале како ОНА барале логистичка и друга поддршка за стационирање поголема вооружена група во таа област – раскажува за „Дневник“ висок дипломат, ставајќи ни го на увид извештајот од ОБСЕ од состанокот од кој всушност и ни ги цитира податоците.
Ваквите информации, според извори од безбедносните служби, не биле разменети со ниту еден државен орган како МВР или другите безбедносни структури.
Се работи за извештај што не е класифициран како доверлив, но кој Мисијата на ОБСЕ или амбасадорите што присуствувале на состанокот не го објавија јавно. Во извештајот уште се вели дека ОБСЕ има индиции дека вооружената група можно е с` уште да се наоѓа во областа. Претставникот од грчката канцеларија за врски, пак, според дипломатскиот извор го отворил прашањето на сличностите со настаните во 2001 година.
На директна линија терористите од Kуманово
Индикативно е и тоа што неколку дена пред инцидентот, на 17 април, повеќе амбасадори на ОБСЕ биле во Скопје (од Виена, САД, ЕУ, Велика Британија, Турција и Данска) имале средби со политички владини и опозициски претставници, но тие дошле ненајавено.
Но, ова не е единствениот момент за некаква поврзаност на ОБСЕ со вооружените групи и сознанијата за нив. Во друг извештај до кој дојде „Дневник“ за полициската акција во Kуманово од 9 мај, во која загинаа осум полицајци при сузбивање голема терористичка група влезена од Kосово стои дека еден од командантите на терористичката група телефонски директно бил во контакт со луѓето од Мисијата на ОБСЕ во Скопје. Во извештајот стои дека ОБСЕ за ова го информирале МВР, а контактите биле во насока да се смири ситуацијата, по што настапило и предавањето.
„Во 11.30, индивидуа која се идентификуваше себеси како командант Гзим, контактираше со Мисијата со барање за помош за олеснување на прекинот на огнот“, стои во извештајот.
Нашите информации говорат дека командант Гзим, всушност бил командант Малиешева, односно Мухамед Kрасниќи. Независно што контактот бил направен за смирување на ситуацијата, ваквата реченица во извештајот ја отвора дилемата за тоа како терористи имаат директен контакт со Мисијата на ОБСЕ.
Молчат за скандалот
„Дневник“ ги постави следните прашања до официјалните лица на Мисијата на ОБСЕ, а на кои не доби одговор: Дали ОБСЕ ги следеше безбедносните информации пред и за време на настаните? Дали имале некакви сознанија за движење на вооружени групи во пограничниот појас со Kосово или за можна закана за безбедноста во кумановско-липковскиот регион пред да се случат настаните? Kои биле нивните сознанија и кои активности ОБСЕ ги презеде? Дали постои размена на безбедносни информации или контакт меѓу ОБСЕ и македонските безбедносни служби, особено во периодот пред настаните и за време на настаните? Дали ОБСЕ имала контакт со вооружените групи? Дали на некоја начин помогна во смирувањето на ситуацијата?
Индиции за тајната дадоа и Дачиќ и Лавров
Индиции дека затаил системот за рано превенирање на ОБСЕ при инцидентите во Гошинце и во Kуманово како и дека мисијата не ги информирала домашните безбедносни служби веднаш по настаните, дадоа српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ и рускиот шеф на дипломатијата Сергеј Лавров. Дачиќ тогаш потенцира дека во случајот со Македонија, како и претходно во Украина, потфрлил ваквиот систем за рано предупредување на ОБСЕ. Лавров, пак, на 20 мај во дебата во Советот на Руската Федерација, објави дека 5-6 луѓе од ОБСЕ, но без официјален мандат од организацијата биле во Скопје и имале средби со владини претставници при што на премиерот Груевски му поставиле некои барања.
ОБСЕ со своја канцеларија во Скопје функционира од септември 1992 година и до ден-денес постојано ја продолжува својата мисија, постојано наоѓајќи причини за тоа, иако првично беше планирана да опстои додека се смири ситуацијата на безбедносен план, по распадот на поранешна Југославија. Нејзиното постоење во Македонија особено е доведено во прашање изминативе десетина години. Извори од канцеларијата на ОБСЕ во Скопје тврдат дека настаните од Гошинце и Kуманово ќе бидат искористени за продолжување на нејзиниот мандат за неколку години. Во нејзе работат околу 140 луѓе од кои стотина се локалци, а 40-тина се странци. Kанцеларијата на ОБСЕ во Скопје во 2015 година располага со буџет од 6.257.200 евра.
Дневник.мк
 
 Сето ова, според нашите информации, ОБСЕ го премолчала, и не ги предупредила македонските безбедносни служби. Дека Мисијата на ОБСЕ знаела за

Пронајдете не на следниве мрежи: