Состојбата на северот на Косово е неподнослива и нестабилна смета косовскиот министер за внатрешни работи Бајрам Реџепи, ден по вооружениот напад врз полицијата и ЕУЛЕКС.
Според Реџепи, во овој дел на Косово и натаму има многу проблеми и предизвици и таму е создадена неподнослива ситуација, а како решение за излез од ситуацијата тој предлага внатрешен дијалог со претставниците на заедниците.
„Косовската Влада и меѓународните претставници пред да одлучат за ставање крај на набљудуваната независност биле свесни дека Планот на Марти Ахтисари не може комплетно да се имплементира на северот на земјата поради објективни причини, каде освен косовските институции, одговорност имаат и меѓународните“, рече Реџепи.
Тој смета дека ќе се постигне стабилност, владеење на редот, а се надева дека и КФОР ќе биде подготвен да помогне заедно со ЕУЛЕКС и косовската полиција.
„Тие граѓани се заложници на одредени криминални или радикални политички групи и оваа состојба ќе се регулира“, изјави Реџепи.
Инаку, во понеделник попладне, меѓународната управувачка група во Приштина ќе одржи состанок на кој треба да донесе одлука за укинување на надгледуваната независност на Косово.
Предвидено е Групата во зградата на Владата во 14 часот по локално време да одржи седница, по која треба да се обратат шефот на Меѓународната цивилна канцеларија Питер Фејт и косовскиот премиер Хашим Тачи.
Потоа е закажана свечена седница на косовскиот Парламент, на која, како што соопшти косовското Министерство за надворешни работи ќе говорат претседателот на Косово, Атифете Јахјага, премиерот Хашим Тачи, поранешниот пратеник на Обединетите нации за Косово Марти Ахтисари, учесниците во преговорите, амбасадорите Волфганг Ишингер и Френк Визнер и цивилниот администратор Питер Фејт.
На седницата на Парламентот ќе присуствува и шефот на австриската дипломатија Михаел Шпинделегер.
Јахјага во својот кабинет ќе им додели одликувања на Ахтисари, Ишингер, Визнер и Фејт.
Европскиот комесар за проширување Штефан Филе, во Приштина, ќе одржи говор по повод затворањето на Меѓународната цивилна канцеларија на Косово.
Во главниот град на Косово ќе престојува и заменик-помошникот на американскиот државен секретар Филип Рикер, кој ќе присуствува на состанокот на Групата, а предвидено е тој да разговара со претседателката Јахјага и премиерот Тачи.
На седницата на Меѓународната управувачка група на 2 јули во Виена беше донесена одлука за покренување на конечните чекори за ставање крај на надгледуваната независност на Косово и затворање на канцеларијата на меѓународниот цивилен претставник.
На косовските власти им беше наложено да ја почнат работата за укинување на надгледуваната независност, а Парламентот пред неколку дена го усвои и последниот пакет закони и уставни амандмани.
Тие акти се потребни за укинување на надгледуваната независност, односно за втемелување на т.н. Сеопфатен предлог за решение на статусот на Косово или планот на Ахтисари, во законодавството.
Косовскиот Парламент во петокот согласно одлуката на Групата усвои 22 амандмани на Уставот и закон со кој се предвидува продолжување на мандатот на ЕУЛЕКС до средината на 2014 година.
Преземено од Макфакс.
Меѓународната управувачка група, во заклучоците од состанокот во Виена, вели дека планот на Ахтисари треба да се применува и по ставањето крај на надгледуваната независност, а за возврат таа се обврза да продолжи со поддршката на Косово во насока на меѓународното признавање и тенденциите за членство во релевантните меѓународни организации.
Групата е составена од претставници на 23 европски земји, кои ја признаа независноста на Косово, Турција и САД.
Укинувањето на надгледуваната независност доведува до затворање на Меѓународната цивилна канцеларија во Косово, каде останува цивилната мисија на ЕУЛЕКС со околу 3.000 службеници, како и КФОР со 5.600 војници.
Пронајдете не на следниве мрежи: