ХАНС ЛОТАР ШТЕПАН: Македонците имаат најголемо право за употреба на своето име Македонија

Нашиот еминентен историчар Наташа Котлар денесна, воочи посетата на Меркел објави мошне значајни редови за сите нас:

Денешната посета на германската канцеларка Ангела Меркел на Република Македонија е повод за потсетување на првиот (1993) вонреден и ополномоштен амбасадор на СР Германија во РМ – Ханс Лотар Штепан (1935–2011), кој интензивно и ефикасно ја поддржуваше демократска Македонија. Тој е професионално и интелектуално посветен на дипломатската работа. Сакајќи што подобро ја осознае политичка ситуација на Република Македонија – нејзината оспорена меѓународна позиција, особено интензивирана по распаѓањето на југословенската федерација, нурнува длабоко во историјата. 

Со особен сенс за истражувачка и научна работа тој проучува бројни, необјавени документи од Архивот на германското министерство за надворешни работи (Политичкиот архив), како и од други архиви, пронаоѓајќи во нив несоборливи аргументи против агресивните тенденции што во долг временски период го врзуваат компликуваниот македонски јазол. Како резултат на ова темелно проучување, Ханс Л. Штепан ја објавува (2004) книгата „Македонскиот јазол: идентитетот на Македонците прикажан на примерите на Балканскиот сојуз (1878-1914)“, која доживеа неколку изданија на германски, македонски и англиски јазик.
Во неа, тој вниманието го насочува на односите меѓу Балканскиот сојуз и Антантата, на Балканските војни, како вовед на Првата светска војна. Анализирајќи ги пак, овие геостратегиски и геополитички текови во конкретната хронолошката вертикала и контекст, амбасадорот Штепан, го потврдува историското постоење на македонскиот народ како засебен, а не како „македоно-бугарски“, „македоно-српски“ или „македоно-грчки“ народ. 

Воедно, македонскиот народ не е претставен само како жртва на агресивните соседи, туку и како предмет на пазарење меѓу големите и малите политики, регионалните и европските држави, владите и динстичките елити. Ханс Л.Штепан е карактеристичен и по неговите ставови, честопати различни од позициите на официјалната германска политика. Во оваа насока е и неговата изјава, дека „сите историчари се согласуваат дека ако сакате да ја сфатите денешната политичка ситуација [на РМ, б.н.], морате да навлезете во историјата. Оваа историја докажа она што јас го проверив, на пример, дека Грција пред 1912/13-та никогаш не ја поседувала македонската територија. Ни во античко, ни во римско време, ниту во словенско време, ни за време на Отоманската империја. 

Само по прекршувањето на меѓународниот закон во 1912/13-та за време на Балканските војни, заедно со Бугарија, Србија и Црна Гора. Тие ги окупирале и ги припоиле Македонија, Тракија и Епир. Во основа, Грција ја украла македонската територија, зашто ова било против меѓународниот закон. Оваа историска врска е целосно независна од правото на Македонија за самоопределување. Сите народи во светот го имаат тоа право, така и Македонија може сама да решава за својот идентитет, за своето име. Никој не треба да се меша… Македонците имаат најголемо право за употреба на своето име Македонија.“
Од денешен аспект, Х.Л.Штепан визионерски заклучува дека: „во секој случај, европската солидарност со една измамничка политика [на Грција, б.н.] ќе го дискредитира не само измамникот туку и членките на ЕУ, кои се солидарни со него… 

Европската комисија и НАТО знаат дека Грција е вешта и дека лаже околу наметнатиот проблем што го создаде околу Македонија. Знаат дека не треба да биде така. Посебно од лулката на Европа, од лулката на демократските принципи. Грција треба да има одговорност за вистина и правда.“
Амбасадорот Ханс-Лотар Штепан е еден од најголемите лобисти за „македонските работи“, активно работејќи на запознавање на европската и на светската јавност со оваа проблематика. Тој останува ненадминат дипломат од ни еден подоцнежен германски претставник, тој е „Духовен воин на Македонија“!

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.