Избрана годинешнава жетварска убавица

Марија Симеонова, седумнаесетгодишна ученичка во гимназијата „Љупчо Сантов“, е избрана за жетварска убавица на Кочани за 2018 година. Таа ги освои гласовите и на публиката и на жирито, кое одлучуваше на традиционалниот избор кој се организира во рамките на културната манифестација „Денови на кочанскиот ориз“.
Годинава, за титулата се натпреваруваа 12 девојки, а круната од оризово класје, на победничката и ја врачи минатогодишната победничка.


Убавицата и двете придружнички Вања Дојчинова и Благица Христоска добија награди од Општина Кочани, а им ги додели градоначалникот, Николчо Илијев.
Во музичко-забавниот дел на изборот учествуваа членови на танчерската школа „Ит дж бит“ на кочанецот Илија Карадакоски и танцовиот клуб „Степ ап“ од Битола.
Манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз“ со низа културни и спортски содржини продолжува и денес, а утре со традиционално зажнејување со срп, што ќе го изведе жетварската убавица, ќе биде означен официјалниот почеток на годинашната жетва на оризот.

Пронајдете не на следниве мрежи: