“Заборавот е страшен. Се прикрадува како сенка во животот на немоќната старица Стана. Ја покрива болката во нејзиниот живот, но заедно со неа и целата негова убавина. За неа времето не тече од денес кон утре затоа што со секој нов ден Стана се буди во различен момент од својот живот. Еден ден таа е четиринаесетгодишна девојка што трча по подивените крави низ летната бура, а веќе наредниот е мудра мајка што се обидува да ја одржи љубовта меѓу своите деца, разделени од политичките идеологии во новородената Македонија. Стана патува низ времето обидувајќи се да ги зачува, да ги спаси од сенката сите спомени што вреди да се зачуваат. Преку неа мозаично се обликува приказната за едно мало македонско гратче и за маѓепсаните луѓе во него“.
Промоцијата на романот “Тажна приказна за среќни луѓе“ ќе биде утре во Галеријата на МКЦ, со почеток во 20 часот. Автор е македонскиот писател и режисер Андреј Илиевски-Волкашин, а романот го издаде “Антолог“ од Скопје.
Волкашин е роден во Делчево во 1985. година. Неговите филмови и сценарија се подржувани од Македонската агенција за филм и од Бугарскиот филмски центар, и се прикажувани и наградувани на многубројни меѓународни фестивали. Авторот е познат по тоа што сака да експериментира со различни жанрови и стилови, но во неговата работа, и како писател и како режисер, секогаш главен фокус останува комплексноста на човечката душа. Настанот ќе биде збогатен со музичкиот настап на гостинката од Бугарија, Силвија Станоева.
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.