Писмото што поранешни и сегашни функционери на ВМРО-ДПМНЕ го испратија доизвршниот комитет на партијата стигна и до јавноста. Што точно се случува на терен, што ги изреволтира толку?
– На терен имаме една буквална пресметка, односно невидена злоупотреба на сите партиски ресурси, на името на Груевски и на името на уште некои негови блиски во помош и за сметка на Христијан Мицкоски. Додека разговаравме јас и Груевски, во еден мој обид да му укажам како да имаме демократски конгрес, тој ме убедуваше дека не стои зад Мицкоски. Не само тоа, по тој наш разговор објави статус на Фејсбук, во кој изречно рече дека нема да стои зад никого и дека треба да бидат отворени штабовите. Врз основа на тоа, јас направив допис до Мицкоски во кој побарав, согласно на статусот на Груевски, да се отворат штабовите, да се известат општинските комитети и делегатите со циркуларно писмо дека не постои фаворизирање од страна на Груевски, односно дека никого не поддржува, верувајќи наивно дека навистина е така. Меѓутоа, се работело за византиска игра и за купување време. Знаејќи дека времето за кампања е многу кратко, од тој центар на моќ, од врхушката на ВМРО, се обидуваат да ни го потрошат времето и да нѐ остават во ситуација да не можеме да дојдеме до општинските комитети, до делегатите и до членството. Паралелно, додека ги вршев тие преписки, луѓето на Мицкоски го покрија теренот со „пријателски“ убедувања, закани и притисок врз 90 проценти од делегатите. На крај, после натегање од неколку дена, Мицкоски ми прати допис по телефонска комуникација, кој го чувам, дека нема да прати циркуларно писмо со објаснување дека бил секретар во оставка. Интересно, во кампањата не е секретар во оставка, а кон другите кандидати глуми дека е во оставка.
Кажете конкретен пример што се случува на терен?
– Спиро Ристоски, кој треба да го организира конгресот и кој е шеф на организациски одбор, а верувам дека е ставен во тоа својство бидејќи беше претседател на републички изборен штаб, притоа да не зборувам како си помина на изборите, требаше да биде неутрален, требаше да ни создаде сигурност дека конгресот го организира фер, дека на сите ќе им обезбеди еднакви услови. Наспроти тоа, тој всушност бил дел од тимот на Мицкоски. И сега на терен имате генерален секретар – кандидат, шеф на РИШ – организатор на конгрес, а всушност двајцата дел од еден тим. Тоа е еднакво на фарса.
Значи, го обвинувате Груевски дека стои зад сето ова?
– Не, не го обвинувам, туку тврдам. Кога ги собрав овие сознанија од терен, му пишав за сѐ на Груевски, од тоа дека Спиро Ристовски работи на терен за Мицкоски, дека се злоупотребуваат ресурсите, дека се врши притисок и сѐ она што го спомнав претходно. Еве што добив од него како одговор: „Не знам дали собира потписи, но знам дека нема функција во партијата и има право да лобира за кого сака. Не е чудно ако некој кандидат има тим за агитирање, лобирање и убедување во внатрепартиска кампања“. На тоа му одговорив: „Јас, пак, мислев дека треба да го организира конгресот, а тој ги организира сите делегати во ваше име за Мицкоски. Тоа е очигледно, луѓето на терен зборуваат, раздорот е се поголем, ова е кампања против мене како да сум од друга партија. Се надевам свесни сте дека тие луѓе ги загубија изборите. Статусот што го објавивте не е воопшто испочитуван, штабовите ги отвораат непоканети општински комитети и понекој делегат. Нема ‘ф’ од фер битка. Не знам дали знаете дека делегатите се кријат од членовите на партијата како да се членови на секта. Потценувањето на членството е многу опасна позиција, а тоа членство јасно гледа што се случува“.
Овој момент за мене е крунски доказ дека сакаа да ги излажат јавноста и членството, дека постои сериозен ангажман и инволвираност оваа промена, што сега се случува, не е по желба на Груевски, туку поради лошите изборни резултати и затворањето на патриотите, да се претвори во една транзиција што, всушност, нема да значи и промена.
Зошто нема да биде промена?
– Мицкоски во својство на генерален секретар ги загуби локалните избори со најкатастрофален резултат што некогаш го имала ВМРО. Во истото својство го загуби советот на Град Скопје со, исто така, катастрофални резултати. Но има една работа што малку луѓе ја знаат или се сеќаваат, а тоа е дека на минатите парламентарни избори во изборна единица 4, Мицкоски беше шеф на изборниот штаб на Груевски, а Груевски тогаш најави дека ќе го победи Заев со 110-0, но сепак, резултатите не беа такви. Користењето на сите ресурси, ангажирањето на сите тие луѓе не донесе резултат, но покажа дека во организациска мисла тие се неспособни да го поразат СДСМ. За мене многу битна работа е идниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ да има капацитет да го подигне членството, да го сензибилизра, да го енергизира и да го направи способно да победи на избори и да дојде на власт. Доколку ние избираме претседател кој треба да го уништи ВМРО, тогаш патот на Груевски е 100-процентно исправен.
Зошто Груевски го прави ова што го тврдите, што би добил со доаѓањето на Мицкоски на лидерското место?
– Целта е обезбедување континуитет, влијание, да се продолжи да се прави она што цело време се прави, а тоа се кадри што се примени на интервју во Влада да се насадуваат во врвот на партијата и да немаат реален контакт со членството со што би биле принудени на контакт со него.
Каков ви е односот со другите најавени или скриени кандидати за наследник на Груевски, како Милошоски, Димовски, Попоски…?
– Одличен, на високо човечко ниво, и на високо колегијално и партиско ниво. Со тие луѓе се знам повеќе од 20 години, сме учествувале во повеќе партиски и изборни битки и сме минале низ сито и решето. Сме имале и кавги, несогласувања, но најпосле човек и дома ќе се скара и ќе се смири. Имаме пријателство што трае долги години и нашите животи се поврзани со каузата. Од тие причини, сите нив ги уважувам со најголема почит.
Што доколку конгресот се одржи и Мицкоски стане претседател на ВМРО-ДПМНЕ?
– Конгресот е нелигитимен и ќе биде наместен. Мислам дека ни половина од делегатите нема да пристигнат, а верификациската комисија ќе го фалсификува нивното присуство. Јас нема да поднесам кандидатура, нема ни да одам на конгресот ниту, пак го признавам за легитимен.
Добро, но што во таков случај ќе се случува со партијата, можен ли е раздор, раскол, напуштање на партијата, создавање нови партии?
– Партијата мора да се отрезни, дека не е веќе на власт. Партијата мора да сфати дека треба да прифати болен процес на реформи, кој нема да биде комотен, лесен и брз, и партијата мора да се сврти кон своето членство што со години е запоставувано. Се надевам дека ВМРО нема да доживее раскол и дека ќе останеме единствени, дека ќе се вразумат и ќе го одложат конгресот и со побараните постулати да се подготви еден објективен и демократски конгрес што ќе биде прифатлив за сите.
Горан Адамовски