ВИСТИНАТА Е ВО ДЕТАЉОТ. После вчерашниот одлучувачки чекор кон менување на името (кое, верувам, дека е привремено, бидејќи донесено е незаконски и со газење на бројни процедури) впечатоците полека се средуваат. Сепак, две изјави заслужуваат сериозно внимание. (1) Многумина пријатно ги изненади изјавата на Никос Филис дека не постои една, туку повеќе Македонии, сфаќајќи го тоа како признавање на некои историски грешки. Меѓутоа, ретко кој спомна (ако воопшто спомна) дека тоа го кажа во контекст на Букурешкиот договор од 1913 год., кога Македонија беше поделена меѓу Грција, Србија, Бугарија и Албанија. Значи, не станува збор за никаква македонска Македонија („Македонија на Македонците!“) туку за нејзина поделба, која и денес трае и која со парламентарното обраќање на Филис може засекогаш да се запечати, неоставајќи ништо од досегашната Република Македонија. (2) После емотивниот говор во Парламентот, Ципрас изјави дека со ратификацијата на Преспанскиот договор е создадена нова држава, мислејќи на т.н.р. Република Северна Македонија, изумувајќи (сеедно дали тоа го направи намерно или не) дека не станува збор за нова држава, туку за преименување на една стара држава (која постои барем од 1944 година) бидејќи едно е преименување на држава, сосема друго е создавање нова држава. Дали тоа значи дека Ципрас, веднаш после обраѓањето во Парламентот, сака да сугерира дека соседната држава е целосно нова држава, што значи без претходна историја и државен континуитет. Ако е така, тогаш работите стануваат многу посериозни отколку што може (на првпоглед) да се помисли.
Не сум психолог ниту психијатар, меѓутоа знам дека според Фројд вистината е во таканеречениот детаљ, во неизговореното, лошо кажаното, заборавеното, несвесното, потиснатото, кое, колку и да е потиснато, сепак еден ден несвесно избива. Затоа, денес на Република Македонија потребна ѝ е претпазливост и подготвеност на сè повеќе од кога и да било досега.