Вработените мајки трпат за 40% поголем стрес од другите луѓе

Речиси секоја мајка смета дека е под огромен стрес секој ден. Ако сте вработена мајка и одвај балансирате меѓу семејните обврски, работата и приватниот живот, следен пат кога некој ќе ви рече дека претерувате, слободно покажете му ги резултатите од ова истражување.
Вработените жени кои имаат едно дете се под поголем стрес од мајките кои не работат, и тоа за 18%.
Како што расте бројот на деца, расте и степенот на стрес. Веќе со две деца, вработените мајки трпат и до 40% поголем стрес во споредба со другите луѓе.


Професорот Тарани Чандола од Универзитетот во Манчестер, доктор Кер Букер и професорката Мишел Бензевал од Институтот за социјални и економски истражувања при Универзитетот Есекс, го спроведоа најголемото истражување на оваа тема досега.
Тие ги анализирале биолошките податоци на 6.025 испитанички собрани во болнички услови, како дел од истражувањето UK Longitudinal Survey.
Според резултатите од ова истражување, објавени во списанието Sociology, ни работењето од дома, ни флексибилното работно време не помогнале да се намали нивото на стрес на вработените мајки.
Но, намалувањето на бројот на работни часови имало позитивно влијание.
„Конфликтот меѓу работата и семејството е поврзан со зголемениот психички напор, со поголемо ниво на стрес и со намалено ниво на благосостојба. Родителите на мали деца се особено изложени на ризик од конфликт меѓу работата и семејството. Условите за работа што не се флексибилни во однос на потребите на семејството, како работното време, може негативно да се одрази на психичкото здравје и да го зголеми стресот“, објаснува Чандола.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.