Македонија се гуши: Скопје, Битола, Куманово и Тетово меѓу најзагадените градови во светот

Македонските градови меѓу најзагадените во светот. Според анализата изработена од меѓународните организации „Гринпис“ и „Ај Кју Ер Вижуел“, кои глобално го следат аерозагадувањето, Тетово, Куманово, Битола и Скопје се најдоа на листата на градови во светот со најлош квалитет на воздухот за минатата година.
На листата од три илјади градови, Тетово е најзагаден македонски град и се наоѓа на 169-то место, Куманово е на 261-то, Битола на 280-то, додека Скопје е 315-ти најзагаден град во светот.
Од регионот, полош квалитет на воздухот има само во Живинице во Босна и Херцеговина, кој за малку не влегува во топ 100 најзагадени градови во светот.


Македонија е 15-та најзагадена држава во светот. На ранг листата пред неа е Босна и Херцеговина на 14-то, а во првите 20 европски земји е и Косово на 20-то место.
И покрај се, анализата на пи-ем два и пол честитчките покажува дека Македонија се наоѓа во зоната на умерено загадени земји. Најзагадено е во зимскиот период, а главниот град во споредба со 2017-та има покачување на Индексот на загаденост од една и пол единица.
Во Македонија постои разногласие околу тоа, кој е најголем предизвикувач на аерозагадувањето. Властите, но и одредени спроведени студии велат дека тоа се домаќинствата, сообраќајот, а удел има и географската поставеност.
Но според последниот извештај на ЕУРОСАИ, во кој учествуваа европски ревизорски институции, најголем загадувач во земјава претставува индустријата. Најголемите фабрички капацитети кај нас пак, тврдат дека работат според сите европски стандарди и со сите еколошки дозволи и имаат сосема мал удел во аерозагадувањето.
На светско ниво најзагаден главен град е Њу Делхи – 20-милионската престолнина на Индија, а го следат главните градови на Бангладеш – Дака и на Авганистан – Кабул.
Светската здравствена организација проценува дека седум милиони луѓе годишно предвреме умираат како последица од изложеност на аерозагадувањето.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.