Не се рекло за бадијала човек само среќа да има во животот, а дека неа може да ви ја донесе и обичен удар на гром, е тоа уште не сме слушнале. Регионалните медиуми така ја пренесуваат приказната на семејството Митровиќ од Аранѓеловац во централна Србија, каде во дрво даб старо повеќе од стотина удрил гром.
И до тука нема ништо посебно необично, но тоа што следи навистина е за рубриката “Верувале или не“. Сопственикот на имотот, Марко Митровиќ откако поминало невремето тргнал да ја расчисти направената штета. Со моторна пила почнал да го сече дабот во кој удрил гром, го засекол стеблото и се стаписал. Имено, внатре имало ќуп полн со златници!
– Видовме дека громот го уништи дабот, но до утрото не го допирав дрвото. Излегов со моторна пила, почнав да ги сечам гранките и во коренот на дрвото видов нешто чудно. Ја отстранив земјата и видов ќуп полн со златници, раскажал Марко Митровиќ за порталот “Aranđelovacinfo“.
Кога почнале да ги бројат констатирале дека во ќупот има повеќе од две илјади златници, чија вредност се проценува на неверојатни 300 илјади евра. Како златниците се нашле таму, засега никому не му е јасно.