Во возилото во кое вчера беа пронајдени телата на таткото и детето во атарот на селото Слупчане биле истрелани повеќе куршуми од близина. Ќе се врши обдукција на телата, и ќе се вештачат подигнатите траги од местото и возилото, соопшти денес Обвинителството по извршениот увид.
– Основното јавно обвинителство Куманово изврши увид во близина на село Слупчане каде синоќа беше пронајдено возило кон кое биле истрелани повеќе куршуми. На увидот беше констатирано дека од близина е пукано во патничкото моторно возило во кое се наоѓале две лица, возач и неговото осумгодишно дете. Двете лица биле смртно повредени и починале на лице место, се наведува во соопштението на Обвинителството.
По наредба на надлежен Јавен обвинител, увидната екипа на Министерството за внатрешни работи ги обезбеди и подигна трагите од лице место кои ќе се вештачат.
– Пронајдени се и подигнати поголем број испукани чаури преку чие вештачење се очекува да се утврдат битни факти во предметот. Ќе биде извршено вештачење и на возилото на кое се видливи повеќе траги од напад со огнено оружје. Издадена е и наредба за вршење обдукција на телата на починатите, наведено е во соопштението на Обвинителството.


