Граѓаните од утре ќе можат да добијат лек што им е препишан на рецепт од која било аптека во државата и во кој бил ден во месецот. Од утре се укинуваат квотите за лековите и се воведува нов електронски систем во кој ќе се регистрираат граѓаните кои подигнале лек на рецепт. На денешната прес-конференција во Владата, директорот на Фондот за здравствено осигурување Ден Дончев истакна дека оваа мерка ќе им донесе бенефит на сите граѓани во земјава.
На заедничката прес-конференција на која присуствуваа и премиерот Зоран Заев, министерот за здравство Венко Филипче и вториот директор на Фондот за здравствено осигурување Охран Рамадани, Дончев нагласи дека со новиот систем на работа сите аптеки во државата ќе бидат во еднаква позиција. Постарите и изнемоштени лица кои не можат да ги подигнат лековите, малолетните и оние лица кои поради некоја спреченост нема да можат да ги подигнат лековите, нема потреба да стравуваат дека ќе останат без лекарства, рече Дончев.
Со новата мерка е предвидено блиско лице на овие категории граѓани да може во нивно име да го земе лекот на рецепт. Тој нагласи дека со оваа мерка ќе се релаксира атмосферата во која работат и лекарите и аптекарите и ќе се овозможи еднаква работа за сите аптеки.
Министерот Филипче потсети дека оваа мерка почнала да се спроведува како пилот проект во туристичите места во земјава за време на летниот период – во Охрид, Струга, Гевгелија, Ресен и Дојран, а сега во втората фаза се проширува на ниво на целата држава.
Премиерот Заев истакна дека државата е финансиски ликвидна и стабилна и оти тоа довело до можноста да се преземе ваков чекор и да се реши деценискиот проблем со недостиг на лекови. Елиминирана е, додаде тој, горната граница на можна потрошувачка на лековите со рецепт.
Дончев напомена оти ваквата мекра има можност да се спроведе поради растот на приходите во Фондот за здравство.
Импактот што ваквата мерка ќе го има врз буџетот, премиерот Заев ја оцени од 100 до 300 милиони денари.
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.