Светска банка: Македонија е најсиромашна на Балканот и во Европа

Со 52.210 долари богатството по глава на жител, Македонија е меѓу последните на Балканот и во Европа. Ова го покажува најновиот извештај на Светската Банка „Променливото богатство на нациите“ кој предвид зема повеќе категории.
До вредноста на вкупното богатство на државите се доаѓа со собирање на повеќе категории и распределба на збирот со бројот на жители. Така Македонија по глава на жител има производствен капитал во вредност од 18.969 долари, природен капитал од 11.416 долари и човечки капитал од 24.770 долари и негативен капитал во странство од -2.945 долари.
Производствениот капитал предвид ги зема урбаните површини, објектите, опремата и машините по тековни пазарни цени. Природниот капитал ги вклучува земјоделските површини, шумите, заштитените подрачја, резервите на нафта и руда. Човечкиот капитал го мери населението според статусот вработен/невработен и вредноста на вкупната заработка во текот на животот. Имотот во странство е збирот на сите долгови и побарувања на земјата кон надвор.


Аналитичарите на Светската Банка тврдат дека ова мерење дава подобра слика за состојбата на одредена економија од стандардните макроекономски показатели како на пример Бруто домашниот производ (БДП).
„Доколку се анализира само БДП може да даде погрешни сигнали за здравјето на одредена економија. Тој не ги одразува намалувањето и трошењето на ресурсите, ниту дали инвестициите и богатството држат темпо со растот на популацијата“ се наведува во Извештајот.
Земјава е меѓу посиромашните во Европа, а и во регионот, со вкупно богатство од 52.210 долари по жител. На Балканот зад нас се единствено Босна и Херцеговина со 40.486 и Турција со 45.998 долари по глава на жител. Пред нас се Албанија со 53.107, Бугарија со 81.878, Романија со 107.022, Хрватска со 147.545, Грција со 227.925 и Словенија со 351.776. За Србија нема податоци.
Најбогатите, пак, пет држави во светот се: Норвешка со 1 милион и 672 илјади долари по глава на жител, Катар со 1 милион и 597 милиони, Швајцарија со 1 милион и 466 илјади, Луксембург со 1 милион и 288 илјади и Кувајт со 1 милион и 123 илјади долари по глава на жител.
Најсиромашните пет држави во светот се: Гамбија со 5.208, Мозамбик со 7.718, Бурунди со 7.579, Коморските острови со 8.836 и Гвинеја со 8.943.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.