Коронавирусот причина првпат во животот да легне на болнички кревет

Педесет и седумгодишниот Сашо Серафимовски од Тетово првпат во животот годинава морал да помине две недели во болнички кревет поради коронавирусот. Тој целиот живот се занимавал со скијање и досега немал никаков здравствен проблем. Во својата битка со КОВИД-19 тој раскажува дека згрешил што првите неколку дена ги игнорирал симптомите, па потоа тоа го „чинело“ две недели болничко лекување на КОВИД-19.
– Беше недела, 28 јуни, цел ден работев дома, па вечерта имав 38 степени температура. Викам, ме „фатила“ сончаница поради жешкото време и не обрнав мниогу внимание. Утредента, во понеделникот, преку ден немав некоја тешкотија, ама околу 18 часот имав пак температура 38,5, па се одлучив да земам парацетамол и ефедрол, затоа што ме болеше и глава. Во вторникот повторно температура, но веќе решив да се тестирам за коронавирус. Брис ми зедоа уште утредента, во средата. Во четвртокот ми беше најлошо, затоа што ми се појави стегање во градите, кашлање и слично. Зедов парацетамол, ефедрол и сумамед, објаснува Сашо за првите денови од битката со КОВИД-19.
Следувала најлошата информација од рендген што покажал бронхопневмонија, па дефинитивно, според лекарите, морало да има болничко лекување. Бил хоспитализиран во Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје. Таму увидел дека секој организам различно се бори со коронавирусот.


– Во болница првите два дена немав температура, третиот ден вечерта имав 38,5 степени. Со брза интервенција на медицинскиот персонал ми ја намалија и до денес немам повеќе темпертура. Но од третиот до шестиот ден поради тоа што коронавирусот што удри на белите дробови имав силна кашилица. Но и со тоа лекарите се изборија. Во болницата увидов дека секој организам различно се бори и тоа е најголемата битка за секој поединец. Кај мене тоа беше интензивно кашлање, едвај дишев, не може да се опише, не дај боже некој да доживее. Првите два дена немав потреба од кислород. Сатурацијата во крвта ми беше 94-97, сè што е над 93 е добро. Но третиот ден сатурацијата ми падна на 85 и итно реакцијата на докторите беше да ми дадат кислодорна поддршка, со тоа што по потреба ја користев, некои ја користеја цело време многу, така што помина период 3-4 дена. Дури по првите седум дена во болница ми беше подобро, откако добив кислород, антибиотици и витамини, раскажува Сашо.
Сашо е воодушевен од третманот на лекарите, медицинските сестри и болничари во скопската болница. Тој смета дека кај него дел од надминувањето на оваа болест е огромното залагање на лекарите и медицинскиот персонал во Градската општа болница „8 Септември“.
– Извонредните тимови во „8 Септември“, од доктори, сестри и болничари, сите се залагаат за секој пациент поединчено, со цел да се избори секој човек. Најголема пофалба изразувам до комплетниот персонал, благодарен сум комплетно што сторија за мене и за многу други пациенти околу мене. Таква пожртвуваност од сестри и доктори во тешки услови досега немам видено. Господ здравје и смирение да му даде на целиот медицински персонал во нашава држава, ги благословува Серафимовски.


Додека бил болница, во текот на првите седум дена и неговата сопруга Маре била дијагностицирана како заболена од Ковид-19, па вели дека таа со огромна помош на тетовските матични лекари успешно се справила со коронавирусот, но со домашно лекување.
– Во текот на првите седум дена бев во болница, послаби симптоми се појавија и кај сопругата Маре. И таа се лекуваше со антибиотик сумамед, но нонстоп под контрола на младите матични доктори Горан Манојлоски, Илчо Ефкоски од Тетово, како и во консулатации со пулмологот Трајче Нешковски од Заводот во Козле и д-р Владимир Аврамовски. Сите тие лекари постојано ја следеа нејзината состојба со редовна комуникација по телефон, објаснува Серафимовски, кој заедно со сопругата веќе се негативни на тестот за КОВИД-19.
Сашо сепак сè уште се бори со бронхопневмонија, па затоа вели сака да ги советува сите ако имаат какви било симптоми, веднаш да се испитаат и да не чекаат.
– Бронхопневмонијата како болест не се лечи толку брзо, но 10 дена сум веќе дома. Подобро се чувствувам, но не смеам да работам, да се заморувам и слично, па затоа ги слушам докторите. Голем совет до сите – секој што ќе почувствува барем некаков симптом, веднаш да реагира кај матичен, да направи лабораторија, ако има кашлица на рендген да се установи за што се работи. Ако веќе се работи за КОВИД-19 да се реагира со лекарства. Секој нека мисли дека тоа е тоа, КОВИД-19. Прво тоа да помисли на најлошото, на коронавирусот, и веднаш да реагира, бидејќи потоа како ќе помине еден човек најмногу зависи каков организам има, апелира Сашо.
На прашањето дали знае како се заразил, вели дека носел маска и ги почитувал сите препораки.
– Тоа не ни може да се докаже. Носев маска, се придржував до протоколи, можеби некаде сум згрешил, можеби некој ми згрешил мене не сакајќи да ми пренесе. Дали лебди во водухот, не сум сигурен, дали можеби сум допрел нешто, но мора да се биде внимателен, потенцира Серафимовски, инаку по вокација дипломиран агроном, но познат во Тетово по сопствен бизнис со трговија на мебел.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.