Зошто е неопходно да носите маска и по вакцинацијата?

На вчерашната седница на македонската Влада разгледана е и усвоена информацијата за набавка на 200.000 кинески вакцини. Исто така, Владата преку Министерството за здравство е во завршна фаза од директните разговори со Pfizer за 800.000 единечни вакцини од кои првите ќе пристигнат во февруари.
Иако во овој период кај нас вакцинацијата сè уште не е почната, сепак наскоро ќе започне па добро е да се знаат неколку интересни работи поврзани со носењето заштитна маска.
Препораките на СЗО се многу јасни, на сите и понатаму им се препорачува носење маски и избегнување блиски контакти со другите. И понатаму е важно да се одржува физичка дистанца, да се избегнуваат гужви и слабо проветрени простории, често да се мијат рацете. Значи, и по вакцинирањето носете маска и почитувајте ги здравствените препораки.


Иако вакцините се ефикасни повеќе од 90 проценти во спречувањето на симптоми на COVID-19, сепак не е познато дали спречуваат ширење на вирусот на други луѓе. Затоа експертите советуваат сите да продолжат да носат маски, а тоа се подразбира и за оние кои примиле вакцина.
Испитувањата на вакцините следеле само колку вакцинирани луѓе заболеле од COVID-19. Тоа значи дека сосема е можно некои од вакцинираните да се заразат подоцна, но да не развијат никакви симптоми. Тие луѓе би можеле да го пренесат вирусот, без да бидат свесни за тоа. Најголемиот ризик е тоа што можат да го пренесат и на други кои не се вакцинирани.
Ќе биде потребно време со масовна вакцинација да се постигне колективен имунитет. Маските за лице треба да се носат и поради новите соеви на вирусот.
Постои уште една причина зошто треба да продолжиме со носење маски:
„Во нашето современо општество не вршиме дискриминација според имунолошкиот статус, а етиката на таквото постапување би било лизгав терен. И така е тешко да ги натераме сите да ги почитуваат моменталните прописи за носење маска, а сега имате и луѓе кои се вакцинирани и кои мислат дека не мора да се придржуваат на истите прописи, а тоа ќе направи уште поголем хаос“, вели имунологот и доктор Михаил Тал од Универзитетот Стенфорд.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.