Излезе од печат новата книга во едицијата „ПРОаЗА“, романот „Кога светлината згаснува“ на Ојген Руге, за кој во 2011 год. ја доби најпрестижната германска награда „Книга на годината“ (Deutscher Buchpreis). Преводот од германски јазик е на Ксенија Чочкова, дизајн на корицата е на Марија Смилевска, а излегувањето на книгата финансиски е поддржано од мрежата „Традуки“.
Приказната во романот „Кога светлината згаснува“ следи неколку генерации на семејството Умницер во текот на педесет години, а секој член го дава гласот на својата страна од приказната. Прикажано е влијанието на пошироките историски случувања на живототот на ова семејство, некогаш дел од комунистичката елита, чијашто социјалистичка утопија со текот на времето почнала да згаснува. Низ четирите генерации Ојген Руге ни ги претставува различните перспективи на животот под различните политички режими и ограничувањата што тие ги наметнуваат.Може да се каже дека оваа просветителска приказна не само што фрла светлина на политичката држава каква што претставуваше Источна Германија пред паѓањето на Берлинскиот ѕид, туку и умно ја бележи внатрешната политика на семејниот живот во различни општествени околности.
Со мудрост, хумор и голема емпатија, а потпирајќи се на сопствената семејна историја, Ојген Руге величествено ги следи приказните и на ова семејство и на ГДР, додека го истражува трагичното испреплетување на политиката, љубовта и семејството под источногерманскиот режим.
Книжевните критичари се едногласни дека се работи за литерарно ремек-дело:
„Овој роман за ГДР ја поседува големината на Буденброкови на Томас Ман.“ Ди Цајт
„Времето е зрело за овој немаскиран, смешен и чувствителен поглед врз историјата.“ Зидојче Цајтунг
„Пулсирачко, вибрирачко, возбудливо дело со огромна обликувачка фантазија, необично чувствително и пред сѐ со остар хумор… Овој роман ни покажува дека од урнатините на источниот блок може да порасне нешто што ја има силата да го надживее.“ Њујорк Тајмс
Авторот Ојген Руге е роден 1954 год. во Сосва (Урал). Студирал математика на универзитетот „Хумболт„ а подоцна работел во Централниот институт за физика. Пред да замине од ГДР на Запад, во 1988 год. работел и во студиото за документарен филм „ДЕФА“. Од 1989 год. работи за повеќе театри и радио-станици како автор и преведувач.
За својот прв ракопис „Кога светлината згаснува“ во 2009 год. ја добива наградата „Алфред Деблин“ и подоцна во 2011 год. за истиот роман најпрестижната германска награда „Книга на годината“ (Deutscher Buchpreis).
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.