Црвениот фустан добро ми прилега

Под мотото „Црвениот фустан добро ми прилега“ во градскиот парк во Скопје беше одбележан Меѓународниот ден на сексуалните работници 2 Јуни, во организација на ХОПС – Опции за здрав живот Скопје со партнерските организации од Платформата за декриминализација на сексуалната работа, Здружение за поддршка на маргинализирани работници СТАР-СТАР и Коалиција Маргини. На настанот присуствуваа сексуални работници, нивни пријатели, поддржувачи и активисти кои испратија барања за унапредување на човековите права на сексуалните работници преку декриминализација на сексуалната работа.

„Преку овогодинешниот настан, сексуалните работници испраќаат силни пораки до јавноста и донесувачите на одлуки за унапредување на здравствените, социјалните и работничките права на оваа група. Преку црвени фустани кои сексуалните работници со гордост и достоинство ги носат, покажуваат дека изборот на нивната работа е лична одлука. Црвената боја е симбол на страст и љубов, но и самодоверба и храброст која им е потребна на сексуалните работници во борбата за унапредување на нивните права, нивната благостојба и за подобро утре.“- изјави Хајди Штерјова Симоновиќ, извршна директорка на ХОПС.

„Заедницата на сексуални работници бара признавање на сексуалната работа како професија по слободен избор, со што таа ќе стане дел од пазарот на трудот, а сексуалните работници ќе бидат препознаени како работници. Со тоа, оваа заедница ќе може непречено да обезбедува егзистенција за себе и за своите семејства, но и да ги исполнува своите граѓански обврски и должности кон државата. Сексуалните работници бараат професионален, еднаков и правичен третман од страна на здравствените работници, социјалните работници, полициските службеници и останатите институциите при остварување на своите права од здравствената, социјалната и правната заштита. Од особена важност за сексуалните работници е унапредување на системот за превенција и санкционирање на секаков вид насилство или злоупотреба на службена положба, подобрување на пристапот при постапување со сексуалните работници кои се жртви на семејно или сексуално насилство, како и континуирано подигање на свеста за сексуалната работа, намалување на стигмата, предрасудите и дискриминацијата од страна на јавните даватели на услуги и сервиси.“ – изјави Јагода Митева, активистка од СТАР-СТАР.

 „Декриминализацијата на сексуалната работа е клучно барање на сексуалните работници, нивните поддржувачи и здруженија. Декриминализацијата е единствен модел кој ќе овозможи почитување на човековите права на сексуалните работници, унапреден пристап до здравствени и социјални услуги, како и вклучување на сексуалната работа во формалната економија со што овие работници конечно ќе добијат работнички права. Од декриминализацијата на сексуалната работа има бенефити целото општество, особено кон превенција од родово засновано насилство, превенција од сиромаштија, социјална нееднаквост како и трговија со луѓе. Моделот на декриминализација на Нов Зеланд го сметаме за најуспешен, според кој треба да се ревидираат политиките кои ја уредуваат сексуалната работа во Р.С. Македонија.“- изјави Драгана Дрндаревска, правна советничка од Коалиција Маргини.

Меѓународниот ден на сексуалните работници започнува да се слави од 1975 година, на 2ри јуни кога 100 сексуални работници ја Окупирале црквата Свети Низиер во Лион, Франција. Овој настан е првата алка за започнување на меѓународно движење на сексуалните работници и борбата за остварувањето на нивните права. Од 1975 година па сѐ до денес насекаде во светот се одбележува Меѓународниот ден на сексуалните работници.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.