Гватемала ќе го екстрадира на САД творецот на антивирусот McAfee

Гватемала во средата по локално време објави дека во САД ќе го депортира Џон Мекафи, пионерот во софтверот креатор на антивирусната програма McAfee и поранешен милионер од Силиконската долина кој е баран поради истрага во Белизе за убиството на американски државјанин.

Џон Мекафи е веќе една седмица во Гватемала во која се појави откако успеа да им побегне на властите во другата централноамериканска држава Белизе, каде што е обвинет за убиство американскиот инженер Грегори Виант Фол. Претходно неговите адвокати успеаја да го спречат екстрадирањето во Белизе чии власти првично соопштија дека го уапсиле Мекафи, но подоцна на својот блог на интернет, познатиот програмер изјави дека на границата со Мексико властите на Белизе уапсиле негов „двојник” со пасош на Северна Кореја со негово име, а тој ја напуштил земјата безбедно. Адвокатот на Мекафи подоцна изјави дека неговиот клиент се наоѓа во Гватемала и ќе побара од тамошните власти да му дадат политички азил.
„Во согласност со законите, Џон Мекафи ќе биде екстрадиран на земјата на неговото потекло“, изјави Фернандо Лукферо, портпарол на агенцијата за доселеништво на Гватемала.
Шеесет иседумгодишниот Мекафи во Гватемала е во притвор од минатата среда кога беше уапсен поради нелегален влез во земјата со неговата 20-годишна девојка од Белизе.
Мекафи најави дека ќе замине на Флорида, „Одам во 15.30 часот за Мајами. Тоа ми беше единствената можност. Не можам да заминам со лет кој застанува во која и да е друга земја., а само два лета денеска се за Америка“, изјави во разговор за Reuters по што заминал на аеродромот.
Полицијата во Белизе сака да го испраша во врска со убиството на Грегори Фол, негов сосед на карипскиот остров Амбергрис Ки, а се споменуваше караница околу кучиња. Двајцата, имено, честопати се карале, меѓудругото и за „невоспитаните“ кучиња на Мекафи. Властите во Белизе велат дека тон не е прв осомничен во овој случај.
И претходно творецот на антивирусот McAfee имаше проблеми со законот. Според медиуми, во мај 2012, полицијата во Белизе го претресувала неговиот дом и го привела Мекафи. Подоцна тој беше обвинет за нелегално поседување оружје и производство на наркотици, но потоа овие обвиненија беа повлечени.
Ексцентричниот информатичар кој се збогати со антивирусниот софтвер кој го носи неговото име, води дневник за својот живот кој го објавува на својот блог на адресата ww.whoismcafee.com. На блогот тврди дека властите во Белизе ќе го убијат, доколку се предаде, Тврди, исто така, дека тој нема никаква врска со смртта на Фол, како и дека владејачката партија во Белизе го прогонува бидејќи одбива да плати мито од два милиона долари.
Властите на Белизе го отфрлија овие тврдења и велат дека Мекафи е параноичен и „мрднат“.

Макфакс

Пронајдете не на следниве мрежи: