Реконструкцијата на уништените енергетски објекти во Украина ќе трае со години, вели директорот на „ДТЕК Енерго“


Враќањето на енергетските капацитети во Украина во претходната состојба ќе трае со години, изјави извршниот директор на украинската компанија „ДТЕК Енерго“, Илдар Салев.

Тој ги процени загубите на „ДТЕК Енерго“ на милијарди гривни (една гривна = 0,026 евра), нагласувајќи дека се изгубени десетици трансформатори.

Според украинските власти, уништена е 50 отсто од енергетската инфраструктура на земјата.

Претходно, премиерот на Украина, Денис Шмигал изјави дека рестрикциите за електрична енергија ќе останат во сила во текот на зимата, откако беа оштетени многу термо и хидроцентрали, како и бројни високонапонски мрежни објекти.

Руските воздушни напади продолжија и денеска на истокот на Украина, а украинскиот премиер, Денис Шмигаљ, побара ракетни системи „Патриот“ и други високотехнолошки системи за противвоздушна одбрана, со цел Украина да се спротивстави на засилените руски напади.

За француски медиуми, тој изјави дека Русија, таргетирајќи ја клучната инфраструктура во Украина и оставајќи милиони луѓе без струја и вода, „сака да ја преплави Европа” со нов бран украински бегалци.

Засега ниту една држава не испорачала системи „Патриот“ за Украина. Германија понуди такви системи на Полска, како засилување на заштитата на полскиот воздушен простор по инцидентот во Пржеводов, но не се согласи тие да бидат поставени во Украина.

Милиони Украинци ја напуштија земјата од почетокот на руската инвазија на 24 февруари, а голем број би можеле да ги напуштат своите домови во текот на зимата.

Извор: МИА

– Реклама –

Пронајдете не на следниве мрежи: