Среќна уште една „историска“ година – во најава

Велат дека уште една „историска“ година е зад нас. Историска пред нас. Година на „реална европска приказна, а не илузија“, ме уверува власта. Како и годините зад нас. Премногу „реални“ историски години, премалку историја. Јас би рекол заминува уште една катаклизмична година со оваа власт во низата. Единствено реална е катастрофата во која нѐ втурна креирајќи национална трагедија со лузни за Македонија.

Престанав да ѝ верувам на влада што зема нешто што е историски мое и на моите предци и им го дава на други, напуштајќи ја визијата за македонска држава. Не сакам да го поддржам користењето на реториката да се земе од некого без согласност за да му се даде на друг. Не сакам да бидам дел од визија без иднина
Среќна уште една „историска“ година – во најава

Држава потрошена од партиско политикантство полека го губи од вид вистинскиот ризик: прекинатата врска со народот во Македонија. Ослабените врски со најважната „изборна единица за иднината“ на Македонија не се само политичка загуба за оваа власт туку и граѓанска загуба за нејзината демократија – онаа што може да ја дестабилизира земјата и да ја загрози нејзината положба како суверена држава.

Неуспехот да се преземе одговорноста за ова е одраз на бавниот одговор на државата и напорите за избегнување на вината за катастрофата. Многумина од нас, по сѐ што направи оваа власт и искуствата на државната траума низ која поминавме во последниве години на национално предавство, го зацврстија верувањето дека македонската влада повеќе се грижи за партиските победи отколку за иднината на нацијата, засадувајќи опозициски национални приказни.

Престанав да ѝ верувам на влада што зема нешто што е историски мое и на моите предци и им го дава на други, напуштајќи ја визијата за македонска држава. Не сакам да го поддржам користењето на реториката да се земе од некого без согласност за да му се даде на друг. Не сакам да бидам дел од визија без иднина. Илузија на постоењето. Народот што го дозволува ова еродира и трпи страшни политички, економски и социјални последици. Тажни и патетични се оние што ги поддржуваат ваквите деструктивните политики без повеќе добра причина освен ефемерни придобивки, или перверзно задоволство што произлегува од завист, гордост, гнев, алчност и други смртоносни гревови.

Во годината што изминува добро размислете пред да се запрашате што може да направите за вашата земја кога таа не направи ништо за вас. Негирање, лутина, депресија и прифаќање – неуреден болен процес што го поминавме сиве години на оваа власт. Како да прифатите и живеете со предавството на нацијата како едно од најпогубните и најпотресни човечки искуства?

Она што го прави предавството толку болно е тоа што не е дело извршено од вашите најлоши непријатели, туку е чин што го извршиле оние на кои најмногу сте им верувале и на кои сте им ја довериле судбината на државата. Актот на предавство ги сече раните толку длабоко, само бесконечно време може да ги ублажи шокантната болка и предизвиците што се манифестираат од таквите искуства.

И тоа не е илузија. Тоа е реалноста што ни ја понуди власта. Зарем можеше некој да претпостави дека власта ќе ја премине линијата што никогаш не сте помислиле дека треба да ја повлечете, затоа што никогаш не ви паднало на памет дека некој може да има способност да направи таков чин. И по сѐ, ми нуделе реална европска приказна, а не илузија. Па, кај нив сѐ е една голема илузија, зашто реалноста е предавство на државата, која се впива во меморијата на нацијата.

Оваа национална приказна за предавството ја обликува колективната меморија на Македонија годиниве зад нас и пред нас. За разлика од конститутивните митови за нацијата, кои имаат тенденција да бидат приказни за потеклото за тоа кои сме ние, националните приказни од овој вид се параболички фолклор на нацијата, кои дефинираат како (не) треба да живееме.

Тие раскажуваат лекции за односи научени од искуството на една нација за тоа кому да му веруваме и да бидеме претпазливи кому му ја должиме својата лојалност. Затоа, колку и да е болно, мора да продолжиме напред во годината што доаѓа, мора да препознаете дека заслужувате подобро и дека можете да најдете подобро. Оваа држава и оваа реалност не се тоа што го заслуживме.

Одамна кенедиевски престанав да се прашувам што ќе направи владата за мене, зашто гледам сѐ што прави прави за себе. Затоа, свртете се кон себе во годината што доаѓа и она што може да го направите за себе. Она што го правиме за себе е она што ни останува кога државата не прави ништо за нас.

Престанете да бидете слуга на власта, зашто тоа е во спротивност со вербата на слободниот човек во сопствената одговорност за сопствената судбинa. Затоа, да ви посакам среќна Нова година и имајте на ум дека кога политиката ви нуди нешто на туѓа сметка, подобро е да се избегнува мамката отколку да се борите во замката.

Проф. Звонимир Јанкулоски

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.