Настан од висок безбедносен ризик: МВР задолжено за обезбедување на одбележувањето на раѓањето на Гоце Делчев

Владата, на денешната седница донесе заклучоци во врска со одбележувањето на 4-ти февруари, денот на раѓањето на Гоце Делчев.

Задолжено е Министерството за внатрешни работи да ги преземе сите мерки за обезбедување на реализацијата на настанот, согласно со препораките од надлежните служби соопштени на вчерашната седница на Советот за безбедност.
Делегацијата, којашто во име на Владата ќе присуствува во црквата Свети Спас во Скопје и ќе положи цвеќе на гробот на Гоце Делчев ќе биде составена од претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, првиот заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, министерката за одбрана, Славјанка Петровска и министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска.
За потсетување, на вчерашната седница на Советот за безбедност во фокус беа и настаните со Бугарија.

Претседателот Стево Пендаровски по седницата изјави дека според достапните анализи и сознанија на надлежните органи, структури во соседна Бугарија се веќе мобилизирани, и логистички и финансиски, за да го поддржат организираното доаѓање во Скопје на повеќе лица на 4 февруари, кога се одбележува денот на раѓањето на Гоце Делчев.
-Според сите проценки тоа ќе биде настан од висок безбедносен ризик и надлежните органи не смеат и нема да бидат само неми набљудувачи на тоа што ќе се случува, изјави Пендаровски.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.