Oд утре на сила стапуваат измените на Кривичниот законик, додека јавноста уште ги полемизира

Додека во јавноста се полемизира околу измените на Кривичниот законик, тие од утре стапуваат на сила. Во Службен весник беше објавен со датум 7 септември, а во сила влегува најрано осмиот ден од денот на објавување, што би значело 14 септември. Измените во Кривичниот законик се однесуваат на 38 члена, за кои власта рече дека 35 се за усогласување со директивите на ЕУ, додека Европската комисија е загрижена за истите.

Ова значи дека од утре ќе има помали казни за двете кривични дела – злоупотреба на службена положба и овластување како и злосторничко здружување. Притоа, се воведува граница на максимална казна, а се укина и еден став од делото злоупотреба на службена положба и овластување. Сето ова пак, носи и побрзо застарување на делата.

Стапувањето на сила на овие измени ќе значат и дека застаруваат дела во предмети на СЈО како „Таргет-Тврдина“, „Тендери“, „Титаник“, „ТНТ“, „Талир“, „Траекторија“. Во сите предмети ефектирани од измените се опфатени над 80 лица.

Во најмалку 14 судски процеси познати во јавноста, каде што на обвинителна клупа седат поранешни функционери, ќе настапи застареност на кривичните дела злосторничко здружување и злоупотреба на службената положба и овластувања. Речиси сите судски случаи се предмети кои ги отвори сега расформираното Специјално јавно обвинителство (СЈО), а во нив се опфатени над 80 лица.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.