Нотата до италијанското МНР веднаш е отповикана, во тек е интерна постапка за утврдување на одговорност


Ниту едно дипломатско-конзуларно претставништво на земјава нема добиено инструкција да доставува ноти за предметната тема до земјите на акредитација, велат од МНР откако пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ обвини за голем скандал и објави дека македонскиот амбасадор во Рим – Весел Мемеди, испратил официјална нота до италијанските власти за да ги извести дека валидните пасоши со името „Република Македонија“ од 12 февруари се неважечки.

Со тоа, наместо да ги штити, амбасадорот постапил спротивно на интересите и правата на околу 100.000 македонски државјани кои живеат во Италија, особено нивното право на слободно движење, како и загрозување на правото на постојан престој и дозвола за работа, што се врзани со валидноста на пасошите, посочи Милошоски и оцени дека скандалот е многу сериозен со оглед дека, како што вели, ниту МНР ниту амбасадата немаат право да прогласат за неважечки личен документ кој не го издале тие туку Министерството за внатрешни работи.

„Бидејќи амбасадите работат строго по инструкции добиени од МНР се поставува прашањето дали министерот Османи или друг висок функционер од министерството за надворешни му дале насоки за ваквата постапка на амбасадорот, валидните пасоши на македонските државјани да ги прогласи за неважечки?! Со овој потег, како и многу други, испаѓа дека МНР и амбасадорите од доверба на Бујар Османи претежно постапуваат во интерес на трети држави, наместо да се грижат и да ги штитат интересите на македонските државјани во странство“, напиша Милошоски и, повикувајќи се на чл.45 од Законот за надворешни работи, побара Владата да го отповика Мемеди и да назначи соодветен дипломат. Доколку знаел, политичка одговорност и оставка треба да се логична последица и за министерот Бујар Османи, истакна Милошоски.

Во реакцијата на МНР, меѓутоа, од министерството велат дека веднаш по сознанијата за нотата истата била отповикана, и тоа пред да предизвика било какви импликации.

„По добиените сознанија за испратената нота до италијанското МНР, истата по дипломатски пат веднаш е отповикана, уште пред стапување во сила на наведениот рок за важноста на пасошите и со тоа, не предизвика никакви импликации“, соопштија од МНР.

Истовремено, министерството информира дека веќе спроведува интерна постапка за утврдување на одговорност за расчистување на случајот.

– Реклама –

Пронајдете не на следниве мрежи: