Таравари разговарал со Курти и Рама пред да се кандидира на претседателски избори, но вели оти не инсистирале за кандидатурата

Пресудно за одлуката да биде претседателски кандидат на коалицијата на опозициските партии на Албанците, како што вели Таравари во интервјуто, биле предизборните анкети кои покажале оти по првпат етнички Албанец може да помине во вториот круг од претседателските избори во земјава

Пред официјално да објави дека ќе биде претседателски кандидат на коалицијата „Европски сојуз за промени“ на претстојните избори, актуелниот лидер на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, оваа иницијатива ја споделил со косовскиот премиер Албин Курти и со премиерот на Албанија, Еди Рама.

Арбен Таравари, градоначалник на Гостивар и лидер на Алијанса за Албанците

Но, како што вели во интервјуто за „Еуроњуз Албанија“, ниту еден од нив не инсистирал тој да се кандидира на претседателските избори во земјава.

„Разговаравме со Курти и Рама на заедничка средба, но не инсистираа (да се кандидира н.з.). Немаше ниту инсистирање ниту поддршка, ниту од Курти, ниту од Рама, туку само разговаравме со нив“,

изјави Таравари за „Еуроњуз Албанија“.

Пресудно за одлуката да биде претседателски кандидат на коалицијата на опозициските партии на Албанците, како што вели Таравари во интервјуто, биле предизборните анкети кои покажале оти по првпат етнички Албанец може да премине во вториот круг од претседателските избори во земјава.

„Спроведовме неколку мерења на јавното мислење и врз основа на нив, се чини дека Албанците првпат можат да излезат во вториот круг на претседателските избори, па врз основа на нив се покажа дека вреди да се натпреваруваме и да испишеме историја во РСМ. Бевме убедени дека со кандидатура на Албанец постои реална можност албанскиот кандидат да оди во вториот круг и да ја покаже вредноста на Албанците во Македонија“,

вели Таравари.

За можен претседателски кандидат на опозицискиот блок на Албанците името на Таравари се споменуваше уште од средбата која тој заедно со лидерите на „Европскиот сојуз за промени“ ја оствари со косовскиот премиер Албин Курти во Приштина на крајот на јануари годинава. Подоцна тој изјави дека не е заинтересиран за такво нешто.

Вчера, пак, од градскиот плоштад во Гостивар, Таравари објави дека решил да се кандидира на претседателските избори, велејќи дека освен од сите партии, поддршка ќе побара и од невладините организации и од сите групи граѓани, но пред сè од народот.

Пронајдете не на следниве мрежи: