Сите земји од ЕУ, освен Унгарија, побараа итна хуманитарна пауза на борбите во Газа

Како што пренесува „Еуроњуз“, единствената земја која не го поддржа тоа барање на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ, е Унгарија

Палестинци на границата што го дели Појасот Газа и Египет во бегалскиот камп Рафах, јужен Појас Газа / ФОТО:EPA-EFE/HAITHAM IMAD

Дваесет и шест од дваесет и седумте земји-членки на Европската унија денеска побараа „моментална хуманитарна пауза“ во борбите во Газа, во време кога израелската армија соопшти дека подготвува офанзива на југот на палестинската територија, соопшти шефот на европската дипломатија Џозеф Борел.

„Барањето значи ‘престанок на непријателствата’ за да се овозможи траен прекин на огнот. Земјите од ЕУ, не вклучувајќи ја Унгарија, рекоа дека се ‘многу загрижени’ поради можноста за офанзива во Рафах во јужниот дел на Појасот Газа“,

објасни Борел на прес-конференција по средбата, не прецизирајќи која земја не се согласува со тоа.

Како што пренесува „Еуроњуз“, единствената земја која не го поддржа тоа барање на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ, е Унгарија.

„Будимпешта одби да го поддржи повикот, и покрај притисокот од другите, а исто така сама ги попречи плановите на ЕУ за колективно воведување санкции за насилните израелски доселеници, кои првпат беа поднесени во декември по новиот напад на Палестинците на Западниот Брег“,

пренесува „Еуроњуз“.

Како што се вели во соопштението по средбата, 26-те земји, исто така, ја поддржаа изјавата во која се бара од израелската влада да не притиска со нејзината планирана воена акција во градот Рафах во јужниот дел на Газа, каде што повеќе од еден милион Палестинци бегаат од војна.

„Нападот врз Рафах ќе ја влоши веќе катастрофалната хуманитарна ситуација и ќе го спречи итно потребното обезбедување на основни услуги и хуманитарна помош“,

се вели во соопштението.

Според Борел, ситуацијата во Газа е катастрофална и може да биде „уште полоша“ доколку Израел истрае во својата желба да започне офанзива.

Запрашан за одбивањето на Унгарија да се приклучи на барањето, Борел одби да коментира, нагласувајќи, сепак, дека ако ЕУ има намера да „игра улога“ во регионот, нема да може да го стори тоа ако не е „обединета“.

Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто потврди дека неговата земја останала единствената која се противи на вклучувањето на израелските доселеници на списокот за санкции.

„На почетокот на дискусијата имаше една или две земји кои имаа позиција слична на нашата, но полека ја менуваа и на крајот Унгарија беше единствената која не го поддржа предлогот“,

рече Сијарто.

Членот на израелскиот воен кабинет Бени Ганц изјави дека Израел ќе ја започне најавуваната офанзива на градот Рафах на југот на Газа следниот месец доколку Хамас не ги ослободи преостанатите заложници што ги држи во енклавата до почетокот на Рамазан.

Ганц додал дека офанзивата ќе биде извршена во координација и по разговори со Соединетите Американски Држави (САД) и Египет за да се олесни евакуацијата и да се минимизираат цивилните жртви колку што е можно повеќе.

Сепак, останува нејасно каде луѓето засолнети во Газа ќе можат безбедно да се преселат во опколениот Појас Газа, пишува „Гардијан“.

Пронајдете не на следниве мрежи: