Една жена е уапсена, а еден 19-годишник е во бегство поради трговија со дрога

Осомничената, како што наведуваат од ОЈО, е лишена од слобода, додека осомничениот е во бегство, а притворската мерка за него ќе започне да се применува од неговото пронаоѓање и лишување од слобода

Педесет и тригодишна жена е во притвор, а нејзиниот 19-годишен соизвршител е во бегство откако полицијата во становите каде престојувале пронашла пакувања марихуана и кокаин, соопштија попладнево од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје.

Како што наведуваат од ОЈО, по добиени информации од двајца сведоци, полицијата во текот на вчерашниот ден најпрвин извршила претрес во стан во кој престојувал осомничениот и пронашла вкупно 16 пакувања наркотична дрога – марихуана со нето маса од 23,95 грама и 0,24 грама кокаин.

Според информациите од ОЈО, сведоците посочиле и дека повремено осомничениот ги упатувал да набавуваат наркотична дрога и од неговата соизвршителка со која заедно се договориле да држат наркотична дрога марихуана и кокаин за неовластена продажба.

„Во домот во кој привремено престојувала осомничената исто така бил извршен претрес, а полициските службеници пронашле уште 279,3 грама марихуана, 16,43 грама кокаин, како и дигитални ваги и други предмети со траги од наркотична дрога“,

се додава во соопштението од ОЈО.

Осомничената, како што се наведува, е лишена од слобода, додека осомничениот е во бегство.

„Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за двајцата. Притворската мерка е определена, а за осомничениот по кој се трага ќе започне да се применува од неговото пронаоѓање и лишување од слобода“,

велат од Основното јавно обвинителство.

Двете лица се осомничени за кривичното дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги и психотропни супстанции од член 215 став 1 од Кривичниот законик“.

Пронајдете не на следниве мрежи: