Skopje Pride Week-Бескомпромисното поместување на заспаните сетила на нормалноста и хетеро-институционалната досада

Славчо Димитров, е доктор по современи уметности и медиуми од Универзитетот СИНГИДУНУМ во Белград. Магистрирал родови студии и филозофија на Институтот Евро-Балкан во Скопје и е магистер по мултидисциплинарни родови студии на Универзитетот Кембриџ. Работел како асистент на Катедрата за право и политички науки на Универзитетот ФОН и на постдипломските Родови и културни студии на Универзитетот Евро-Балкан. Основач е на меѓународната летна школа за сексуалности, култури и политика во Белград и куратор на Скопје Прајд Викенд, фестивал за квир уметности, култура и теорија. Димитров има објавено десетици трудови од областа на културните и родовите студии, политичката филозофија и квир теоријата во регионални и меѓународни списанија и книги. Добитник е на наградата АИКА Македонија – Ладислав Лешников, 2018 година и на наградата Игор Забел за култура и теорија, 2020 година.

Со Славчо зборувавме за Skopje Pride Week, за неговото значење и еволуција низ годините. За убавината на различностите и за почитување на правата на LGBTQ+ заедницата. За новите десничарски струења кои се провејуваат секаде низ Европа и за стравот на Македонците кога е во прашање прифаќањето на различностите и на LGBTQ+ заедницата. За тоа како е да се „Останува со нелагодноста“…

Tрн: Годинешното издание на Skopje Pride Wekend понуди интересна програма, разнолика содржина и гости. Кажете ни нешто повеќе за тоа што можевме да видиме во склоп на Skopje Pride weekend?

Славчо: Следејќи ја трансдисциплинарната практика и од изминатите години, годинава фестивалот вклучи дискурзивна, музичка и перформативна програма преку кои беа претставени серија извонредни и врвни теоретичари, музичари, уметници и танчери. Со цел да ја воведеме публиката во кураторската тема на овогодишниот фестивал, а воедно и за да промовираме и креираме платформа за дискурси и продукција на знаења од областа на квир, феминистичката, и критичката теорија, годинава фестивалот го отворивме со предавање на една од најзначајните современи феминистички, квир и критички расни теоретичарки на светско ниво, своевидна рок ѕвезда во теоријата, Сара Ахмед, во Музејот на современа уметност. На наша голема чест, а во соработка со PMGJazz, веднаш после предавањето на Ахмед, го промовираме со концерт во живо, новиот албум на македонското џез трио СВЕТЛОСТ. На 8-ми јуни имавме официјално и спектакуларно отворање на фестивалот со рап, РнБ и техно квир ренесанса во клубот Станица 26, концерт на MYKKI BLANCO, меѓународно етаблиран музичар, перформанс уметник и ЛГБТК+ активист, своевидна легенда на квир рап и хип хоп музиката, а кој го има поплочено патот за успехот на многумина други нехетеронормативни и родово неконформирачки уметници. Покрај концертот на Бланко, вечерта свој настап имаше и балканскиот RnB крал DZIPSII, по којшто следуваше диџеј сет на Ивана Драгшиќ, и два дрег настапи на локалните кралици Токио де Вил и Дивон Џејн.

Во склоп на перформативната програма прикажавме две исклучителни танцови остварувања коишто ја обележаа минатата година танцовата Европска сцена. Без претерување, танц перформансот на норвешко-јамајскиот изведувач и кореограф Harald Beharie – BATTY BWOY, e веројатно еден од најдобрите танцови перформанси во последните години, и вистинска телесно-умствена експлозија за тие што го гледаа. Заслужено собрани исклучителни награди и признанија како Hedda prize for best dance performance 2023, номинација за Norwegian Critics Association Prize 2022, special mention на Impuls Tanz 2023. Преку реапропријација на поимот „Batty Bwoy“ од јамајскиот јазик, кој во буквален превод на англиски јазик значи butt boy (педер), користен како сленг за квир личност, делото ги искривува и испревртува митовите за црнечкото квир тело. Ништо помалку возбудлив беше и танцовиот дует LOUNGE во изведба на Marga Alfeirão и Mariana Benenge, две тела кои се идентификуваат како женски и заедно се движат низ состојби на активност и пасивно одморање, до уживање во траењето на повторувачките движења. Исклучително сензуално дело, безрезервно славејќи ја женската и лезбејка сензуалност и еротицизам, додека истовремено длабоко ги подриваше колонијалните, бели, супемацистички, маскулинистички претпоставки за движењето, интензитетот, и еротицизмот. Фестивалот го затворивме со, секогаш, извонредните ПичПрич, и традиционалната вечер на раскажување квир приказни – СРАМОТА, овојпат водство на Румена Бужаровска и Катерина Попова, и шестмина извонредни раскажувачи, коишто уште еднаш ни покажаа колку е моќна перформативноста на колективното раскажување, особено во капацитетот да ги преврте на глава историите на засрамување и опресија.

Tрн: Една од гостите која предизвика особен интерес кај публиката беше Сара Ахмед. Какви се впечатоците од предавањето на оваа позата феминистка?

Славчо: Важно е да нагласам дека нашата релација со Сара Ахмед е дамнешна, иако првпат волку директна. Имено, пред 10 години, една групна изложба којашто ја курирав, а организирана исто од Коалиција МАРГИНИ, носеше наслов инспириран од еден од клучните концепти на Сара Ахмед – афективни странци. Во истиот контекст објавивме и зборник на превод на текстови од областа на квир, родовата, критичката теорија и теоријата на афекти, во којшто вклучивме и еден извонреден текст на Ахмед, од нејзината книга Културни политики на емоциите, книга којашто во меѓувреме стана веќе задолжителна референца во феминистичката теорија, критичката расна теорија, и студиите на афекти. Дел од овие проблеми, како и нивното вмрежување со серија други проблеми и концепти коишто Ахмед ги развива во изминативе 20 години во нејзините многубројни публикации, а коишто претставуваат суштествени алатки за социо-политичка и критичка дијагноза и отпор на/во сегашноста, Сара ги анализираше и во рамки на ова предавање. Централната оска околу која гравитираше предавањето беше категоријата на “феминистичкиот смор“, навредувачка категорија која Ахмед ја презема и насочува во непредвидливи насоки и наспроти првичните интенции на расистичките, мизогини, хомофобични, и колонијални “зналци“. Елоквентноста, операционата прецизност, реторички неспоредливата маестралност, политичката субверзивност, и мобилизацијата на јазикот како алатка за борба – се само дел од она што го карактеризираше предавањето на Ахмед, а коешто огромниот број на присутни ги остави со восхит, охрабрување, проширени хоризонти, и решителност за колективна борба и отпор, како и одбивање да се полираат историите на насилство и да се премолчува евидентноста на проблемот, проблемот на опресијата, на хетеросексизмот, маскулинизмот, расниот капитализам, и колонијализмот.

Tрн: Skopje Pride Weekend  е фестивал кој ја слави убавината и различностите, но и во исто време станува значен настан на културната мапа на градот. Перформанси, промоции на албуми и концерти. Како евоулираше програмата низ годините и колку сте задоволни од тоа што годинава го организиравте?

Славчо: Последниве десет години, без лажна скромност, можеме да кажеме дека нудиме исклучително ретка, суперлативна, извонредна и храбра културно-уметничка програма, чијашто сингуларност не се состои само во претставувањето на феминистички и квир уметнички и културни пракси, туку и во јасната критичка политичка позиционираност на содржините, како и во претставувањето на перформанс уметност и современа танцова уметност, пракси коишто мегаломанските, традиционални, конзервативни, и се уште патетично модернистички (а во основа привилегирано неутрални) културно-уметнички институции и мнозинството културни дејци во нашата земја тотално не ги познаваат и се игнорантни кон истите. Дополнително, со големи колективни напори, упорност и истрајност, мислам дека успеавме да креираме заедници преку програмските  стратеги, и давајќи простор за утописка желба, да светотвориме и изградиме публика за којашто можат само да подзавидат голем број од институциите. Она што е константа е инсистирањето на врвни уметнички пракси и дела, проширувањето и подривањето на елитистичкото, од една страна, и етно-националистичко, од друга страна, (во основа паланечко) разбирање на културата кај нас, и бескомпромисното поместување на заспаните сетила на нормалноста и хетеро-институционалната досада во Северна Македонија.

Tрн: Дали е можен напредок во општество во делот на почитување на правата на LGBTQ+ заедницата? Чувтствате ли дека нешто се менува во тој дел, со оглед  дека работите преку цела година на ова поле?

Славчо: Како што е можно труло општество исполнето со насилство, дискриминација и опресија, како резултат на историски процеси и стерилизирани релации на моќ, на истиот начин е возможна и промената на тоа општество. Нити едно општество не е дадено од Бога, нити една култура не е универзална и трајна, и нити една политичка структура не е имуна на ударот на времето и силите и желбите на отпор. Промените кои се случија во изминативе 15-тина години се неповратни, па колку и да сонуваат и фантазираат малите семејни фашисти за “старите добри времиња“ на патријарсите. Насобраните сили, колективи, надежи, искуства, и чудотворната истрајност на маргинализираните се недвосмислен знак и показател дека сме тука и тука и ќе останеме, и ќе се бориме со последната капка пот и крв за еднаквост, слобода и правда, за подобар свет. Како пркос на фашистичкиот живот кој упорно ни се продава како спас од капиталистичката експлоатација, корупцијата на политичките елити, и негрижата за граѓаните.

Tрн: Ве плашат ли новите десничарски струења кои се провејуваат секаде низ Европа па и кај нас во однос на делот на почитвање на прават LGBTQ+?

Славчо: Новите фашизми кои ги преплавуваат малкуте останати слободни простори во Европа и кај нас, особено анти-родовите движења и таканаречените коалиции за божемна и лажна заштита на децата, се сериозна закана не само за ЛГБТИК+ луѓето, жените, мигрантите, расните и нехристијанските малцинства, туку за клучните демократски процеси и темели на нашите општества. Додека медиумите, јавните интелектуалци и пошироката јавност не ја разберат сериозноста на оваа закана, ќе бидеме осудени да ги повторуваме историите на насилство, мрачните истории на Европа.

Tрн: Што е најголемиот страв кај Македонците кога е во прашање прифаќањето на различностите и на LGBTQ+ заедницата?

Славчо: Позади наводниот страв од другоста, од различноста, позади стравот означен како страв од закана за традиционалните вредности, моралот, семејството, нацијата, “природните“ родови улоги, и цивилизацијата онаква како што ја знаеме, се крие, просто и патетично, стравот од губење на неправедно стекнатите привилегии. Привилегијата да бидете носител на нормалност и сите општествени придобивки кои произлегуваат од истата, а на сметка на страдањето на безбројните други. Привилегијата да удрите, нападнете, тепате или убиете некој чијшто живот го именувате како помалку човечки, како живот невреден да биде оплакуван и заштитен, без да бидете санкционирани поради тоа. Привилегијата да навредувате, да се исмевате, да понижувате, да разгорувате омраза, а како стратегија со која ги фасадирате со стиропор тенките темели и бедеми на вашиот идентитет и его. Привилегијата да го окупирате просторот како да сте извор и судбина на истиот. Привилегијата да ја гледате сопствената слика рефлектирана насекаде, од универзитетот до жолтиот печат и уличниот билборд. Привилегијата да мислите дека не постои историја, бидејќи ИСТОТО, односно ВИЕ стоите и во минатото, и во сегашноста и иднината. Привилегијата да тоните во општетсвениот простор како во перници. Привилегијата на симболичкиот, социјалниот и финансискиот капитал. И конечно, привилегијата на фантазмот дека стоите на вечни, од Бога дадени, темели. На моќта како разорна сила. За таквиот страв, претпочитам да бидам ноќна мора!

Tрн: Зошто годинава го избравте мотото „Останувајќи со нелагодноста?

Славчо: Со оваа тема сакаме, од една страна, да ги истражиме политичките, естетските, епистемолошките и социо-културните потенцијали, како и генеративните, иновативни и неантиципирани форми на соживот, знаење, светотворење и општествена трансформација кои може да произлезат доколку останеме со нелагодноста – и семантички сродните термини како што се неволјата, тешкотијата, проблемот, несоодветноста, неприкладноста, неугодноста, непријатноста, чудното, некомфорното – како она што го опишува живеењето во кризни времиња во кои се скршени и изгубени нашите хегемониски, традиционални и здраворазумски алатки за навигација на животот и секојдневието. Ова подразбира останување во неволјата и со нелагодноста, или останување во „густата сегашност“ (Дона Харавеј) преку неочекувани, нелагодни, неантиципирани соработки, комбинации, експериментирање, копостанувања и котрансформации, и креирање на нови и чудни сродства.

Останувајќи со нелагодноста и неволјата што произлегуваат од притисоците на коегзистенција со другите, сакаме да предложиме можност за преосмислување на демократијата, заедничкото и заедницата, како живот среде плуралност со ненужно посакуваните и неизбраните други (Хана Арент). Ова подразбира можност за градење на алијанси, солидарност и соживот токму преку амбивалентноста и нелагодноста кои го карактеризираат живеењето со другите, односно преку несомерливоста, конфликтноста, контрадикциите, приспособувањата, аверзиите, како и привлечноста, љубовта, задоволствата и спокојот, како еднакво присутните димензии на релационоста, интимноста и социјалноста.

Од друга страна, целта ни е да ги истражиме, актуализираме и претставиме потенцијалите за отпор кои произлегуваат од критичкото ревалоризирање и присвојување на статусот и бидувањето општествено нелагодни, проблематични, несоодветни или неволја, како статус што им се препишува на општествено маргинализираните, распоседнати и исклучени популации, како лица кои прават проблеми и се нелагодност за репродукцијата на нормативните општествени хоризонти. Со програмата сакаме да ги разгледаме алтернативите што може да се исткаат од оваа позиција, без притоа нелагодните други да стремат кон асимилација, стивнување на тензијата и историите на насилство, или себенормализација. Конечно, останувајќи со нелагодноста, сакаме да предложиме дека таа може да биде извор на експерименти и извор на радикална етичка релација кон другоста како нужно неспознатлива разлика во рамки на постојните и доминантни категории на човечкото и интелегибилното.

Фотографии: Соња Ставрова

Пронајдете не на следниве мрежи: