(ФОТО) Какви подароци си разменија Путин и Ким

За време на оваа посета, рускиот претседател беше одликуван со орден „Ким Ил Сунг“, највисок орден на Северна Кореја за, како што беше наведено, огромни заслуги во развојот на добрососедските и братските односи меѓу двете земји, објави севернокорејското радио „Гласот на Кореја“

Рускиот претседател Владимир Путин ја посети Северна Кореја по 24 години. Средбата меѓу него и Ким Џонг-ун во изминативе неколку дена беше главна вест во сите светски медиуми, а она што секако го привлече вниманието на јавноста се подароците што ги разменија двајцата лидери.

Ким го пречека Путин со насмевка и прегратка, а главниот град Пјонгјанг беше украсен со цвеќиња, балони и огромни плакати на двајцата претседатели истакнати на зградите.

Подоцна се одржала неформална средба со освежување и гала-концерт.

Рускиот претседател Владимир Путин и севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун гледаат уметнички дела за време на нивната средба во Пјонгјанг, Северна Кореја, 19 јуни 2024 година, Фото: EPA-EFE/KCNA EDITORIAL USE ONLY EDITORIAL USE ONLY

Путин и Ким имале приватна средба на која разговарале околу два часа.

За време на разговорот, Путин му се заблагодарил на Ким за неговата „конзистентна и непоколеблива поддршка за руската политика“, меѓу другото, „по прашањето за Украина“.

Ким рекол дека односите меѓу двете земји „влегуваат во период на нов просперитет“, нарекувајќи ја Русија „најискрен пријател на Северна Кореја“.

Кој што доби како подарок

За време на оваа посета, рускиот претседател беше одликуван со орден „Ким Ил Сунг“, највисок орден на Северна Кореја за, како што беше наведено, огромни заслуги во развојот на добрососедските и братските односи меѓу двете земји, објави севернокорејското радио „Гласот на Кореја“.

Покрај тоа, имало интересни, пред сè скапи подароци кои си ги размениле првиот човек на Русија и лидерот на Северна Кореја.

Лидерот на Северна Кореја на подарок добил нова лимузина „аурус“ и сет за чај, додека Путин добил неколку уметнички дела, вклучувајќи слики и бисти, пренесе руската новинска агенција ТАСС. За потсетување, Путин уште во февруари на Ким му подари „аурус“ од руско производство – лимузина каква што користи и рускиот претседател.

Рускиот претседател Владимир Путин и севернокорејскиот лидер Ким Џонг-Ун се возат со автомобил Аурус во Пјонгјанг, Северна Кореја, 19 јуни 2024 година, Фото: EPA-EFE/KCNA EDITORIAL USE ONLY EDITORIAL USE ONLY

Вчера двајцата шефови на држави се повозеа со „аурусот“ што го возеше Путин, но не е познато дали тоа е лимузината што Ким ја добил во оваа пригода.

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун му подарил на Путин пар севернокорејски кучиња пунгсан.

Расата ловечки кучиња пунгсан се одгледува во Северна Кореја, потекнува од волци и е речиси непозната надвор од земјата.

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун му подари на Путин пар севернокорејски кучиња пунгсан, Фото: EPA-EFE/KCNA EDITORIAL USE ONLY EDITORIAL USE ONLY

Вчера заврши дводневната посета на Пјонгјанг, а денеска рускиот претседател е во Виетнам, каде што веќе започна официјалниот прием за него.

Пронајдете не на следниве мрежи: