Полицијата влегува во Лотарија на Македонија

Полицијата започна истрага за работењето на Лотарија на Македонија по информациите дека од 2017 година незаконски издавала лиценци за приредување онлајн игри на среќа и покрај истечената лиценца. Министерството за внатрешни работи (МВР) оформи предмет и започна постапка за проверка на овие информации.

„По добиеното известување од Министерството за финансии, во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал (ОСОСК), во координација со Одделот за криминалистичка полиција (ОКП), оформен е предмет и започната е постапка за проверка на информациите за незаконско издавање на лиценци за приредување игри на среќа од страна на „Лотарија на Македонија“, информираат од МВР.

Работењето на Лотарија е ставено под лупа по барање на Министерството за финансии, откако Владата одзеде лиценци на две фирми за приредување игри на среќа. Една од фирмите е „Арена Гаминг“ ДООЕЛ Струмица, а другата е од Скопје. Лиценците им се одземени за незаконско работење и неподмирување на законските давачки.

„Арена Гаминг“ добила лиценца за работа од Владата на 5 јули 2022 година за период од шест години. Според јавно достапните податоци на Министерството за финансии, станува збор за автомат клуб лоциран во Кавадарци, со 31 автомат за игри на среќа и еден електронски рулет. Лиценцата ја потпишал поранешниот прв вицепремиер Артан Груби.

Истражните органи допрва ќе треба да утврдат кои точно давачки не биле плаќани и за колку е оштетена државната каса. Според објавената лиценца, друштвото е должно да плаќа посебна давачка во висина од 20 отсто на разликата меѓу вкупните уплати и исплати, како и посебна давачка од 1,5 отсто пресметана на разликата меѓу вкупните уплати и исплати на Агенцијата за млади и спорт, и 1,5 отсто од разликата за финансирање на здравствена заштита.

Автентичното толкување на Законот за игри на среќа побараа пратеници од двете владејачки партии, ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“, кои предлагаат целосно нов и поригорозен закон од измените кои беа донесени неодамна.

Пронајдете не на следниве мрежи: