Членовите на Советот на Општина Карпош, на денешната 51. седница, едногласно ја изгласаа предлог-одлуката за прифаќање донација за бесплатни ранчиња со училиштен прибор за сите новозапишани ученици во прво одделение во учебната 2024/2025 година во сите десет основни училишта што се наоѓаат на територијата на општина Карпош. Оваа година првпат во училишните клупи ќе седнат околу 720 првачиња. Притоа беше усвоен и предлог-заклучокот за усвојување на кварталниот извештај за извршување на буџетот на Општина Карпош за извештајниот период (кумулативно), за кварталот од 1.1.2024 до 30.6.2024 година, извести Општината.
На оваа седница Комисијата за прашања на верификација, мандатни прашања, избори и именувања на Советот на Општина Карпош го констатира престанокот на функцијата советник во Советот на Општина Карпош на членот Роберт Велјановски, а новоизбраниот советник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“ е Предраг Станковски, кој даде свечена изјава/заклетва, со која се обврза дека „чесно, транспарентно и достојно ќе работи во интерес на граѓаните на општина Карпош“.
На оваа седница беа усвоени годишните извештаи за работата на четирите јавни установи – општинските детски градинки „Мајски цвет“, „Распеана младост“, „Пролет“ и градинката „Орце Николов“ за 2023/2024 година, како и се усвоија годишните програми за работата на овие градинки за 2024/2025 година. Исто така, денеска советниците ги усвоија и годишните програми за работата на десетте основни училишта што се наоѓаат на територијата на општина Карпош, односно за „Аврам Писевски“, „Братство“, „Владо Тасевски“, „Петар Поп Арсов“ и „Димо Хаџи Димов“, како и за училиштата „Јан Амос Коменски“, „Христијан Тодоровски-Карпош“, „Војдан Чернодрински“, „Вера Циривири-Трена“ и за „Лазо Трповски“, соопшти Општината.