Втор бран експлозии на комуникациски уреди во Либан

Израелската војска соопшти дека нападнале различни инфраструктури на Хезболах во јужен Либан, вклучително и објект за складирање оружје. Регистрирани се и нови експлозии на комуникациски уреди особено во предградијата на Бејрут. Властите јавија за жртви и над 450 повредени откако експлодирале воки-токи апарати. Израелската одбрана тврди дека почнале нова фаза од војната. Шефот на Извршниот совет на Хезболах вети дека групата соодветно ќе одговори.„Имаме многу способности кои сè уште не сме ги активирале. Видовме некои од овие работи, ми се чини дека сме добро подготвени. Правилото е дека секој пат кога работиме во одредена фаза, следните две фази се подготвени. Во секоја фаза, цената за Хезболах треба да биде висока“, изјави генерал-полковник Херзи Халеви, началник на Генералштабот на Израелската одбрана.„Ги пренасочуваме силите, ресурсите и енергијата кон север. Не ги заборавивме заложниците и не заборавивме нашите задачи на југ, тоа е наша должност и ние ја извршуваме во исто време“, изјави Јоав Галант, министер за одбрана на Израел.По експлозиите на пејџерите пред два дена кога загинаа десетици, а беа повредни три илјади луѓе во Либан и во Сирија, меѓу кои и припадници на Иранската револуционерна гарда, од Белата куќа велат дека остануваат вклучени во интензивните дипломатски напори за спречување на ескалација на конфликтот меѓу Израел и Хезболах во Либан.„Она што можам да ви го кажам е дека ние не бевме вмешани во вчерашните или денешните инциденти на кој било начин. Прерано e да се знае што ќе значат овие инциденти за веќе зголемените тензии меѓу Израел и Хезболах“, изјави Џон Кирби, портпарол на Советот за национална безбедност на Белата куќа.Генералниот секретар на ООН, Гутереш, предупреди на сериозен ризик од драматична ескалација на конфликтот во Либан. Свикан итен состанок на Советот за безбедност.„Овој настан потврдува дека постои сериозен ризик од драматична ескалација во Либан и мора да се направи се за да се избегне таа ескалација. Врската на она што се случува во Либан со она што се случи во Газа е очигледна уште од самиот почеток. Хезболах беше многу јасен кога рече дека ги почна своите операции поради она што се случува во Газа и дека ќе престане кога ќе има прекин на огнот“, изјави Антонио Гутереш, генералниот секретар на ООН.Во меѓувреме, Обединетите нации усвоија резолуција подготвена од Палестина со која се бара Израел да го прекине незаконското присуство на окупираната палестинска територија во рок од 12 месеци.

Пронајдете не на следниве мрежи: