Нетанјаху смета дека е срамен повикот на Макрон за ембарго за оружје за Израел

Повикот на францускиот претседател Емануел Макрон за ембарго за оружје на Израел е „срам“, изјави израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Денес, Израел се брани на седум фронта од непријателите на цивилизацијата, рече Нетанјаху, наведувајќи ги Газа, Либан, Западниот Брег, Јемен, Сирија, Ирак и Иран. Поради тоа, според него сите цивилизирани земји треба цврсто да застанат на страната на Израел.

Земјите кои наводно се спротивставуваат на оваа терористичка оска бараат ембарго за оружје на Израел. Каков срам! – додаде Нетанјаху.

Премиерот истакна дека „Израел ќе победи со или без нивна поддршка“, но дека „нивниот срам ќе продолжи долго откако ќе се добие војната“.

Според известувањата на локалните медиуми, Нетанјаху тврди дека Израел ја брани цивилизацијата од оние кои сакаат да ни „наметнат мрачна ера на фанатизам на сите“.

Бидете уверени, Израел ќе се бори додека не се добие битката – заради нас и заради мирот и безбедноста во светот. – рече тој.

Членките на Меѓународната организација на франкофонија, вклучително и Франција и Канада, повикаа на „непосреден и траен“ прекин на огнот во Либан.

Едногласно сме за итен и траен прекин на огнот и изјавивме дека сме посветени на деескалација на тензиите во регионот – изјави Макрон пред новинарите на крајот од самитот „Франкофонија“.

Тој најави дека Франција ќе биде домаќин на меѓународна конференција овој месец за да помогне во собирањето хуманитарна помош за Либан и да ја зајакне безбедноста во јужниот дел на земјата.

Во следните неколку недели ќе одржиме конференција за давање хуманитарна помош, поддршка на меѓународната заедница и поддршка на либанските вооружени сили во зајакнувањето на безбедноста, особено во јужен Либан – рече Макрон.

Пронајдете не на следниве мрежи: