Трамп повторно тврди дека мигрантите од Хаити јадат домашни миленичиња

Републиканскиот кандидат за претседател на САД, Доналд Трамп, повторно ги изнесе тврдењата дека имигрантите од Хаити во Охајо јадат домашни миленичиња, изјавувајќи пред гласачи на латински настан во Мајами дека „само пренел“ што медиумите известувале.

На неколку недели пред претседателските избори во САД, Трамп вчера повторно го изнесе тврдењето што стана вирално, дека мигранти од Хаити во Спрингфилд крадат миленичиња или земаат животни од парковите и ги јадат. Американските медиуми, но и официјалните лица во Охајо, вклучувајќи и републиканци, повеќепати изјавија дека тоа не е точно и оти целата приказна е измислена..

На настанот организиран од шпанската телевизија „Унивижн“, еден латино републиканец од Аризона го праша Трамп дали навистина верува дека имигрантите јадат домашни миленичиња. – Само пренесував што беше известувано, му одговори Трамп.

Тој додаде дека „весници“ известувале за темата, иако не посочи конкретен медиум ниту даде други детали. Трамп, кој сè уште го нема посетено Спрингфилд, претходно рече дека ќе спроведе масовни депортации на имигранти од Хаити од градот, иако повеќето од нив легално живеат во САД.

Трамп се натпреварува против демократската кандидатка Камала Харис за гласовите на латино популацијата. Латино гласачите обично ги поддржуваат демократите, но кампањата на Трамп се надева дека ќе освои повеќе гласови, особено меѓу мажите, поради економското незадоволство, пренесе агенцијата. Според анкетите на Ројтерс и Ипсос спроведени од 11 септември до 7 октомври, Харис водела меѓу латино гласачите со осум проценти – таа имала 47 отсто, а Трамп 39 отсто.

Пронајдете не на следниве мрежи: