(Видео) Албанија отвори голем мост на Дрим вреден 40 милиони евра, го осмисли славен италијански архитект

Големиот мост „Кукс” на реката Дрим во северна Албанија неделава беше отворен за сообраќај на возила, како еден од најважните инфраструктурни зафати што конечно го ослободува сообраќајот со пристап и до околните населби, изјави премиерот Еди Рама.

Мостот, чијашто изградба започна во 2020 година и чинела околу 40 милиони евра, има широка заоблена метална конструкција со должина од 310 метри и висина од 56 метри. Тој се наоѓа во округот Кукс во северниот дел на земјата.

Рама денеска на социјалните мрежи сподели и неколку фотографии и видеозапис од овој мост, кој ги поврзува бреговите на реката Дрим со автопатот Тирана-Кукс-граничен премин Морина на албанско-косовската граница, познат како „Патот на нацијата“.

-Мостот претставува импресивно дело, кое конечно ќе го растовари сообраќајот што со години беше отежнат на стариот мост со две ленти. Сега има 4 коловозни ленти, во двата правци на движење со посредни сообраќајници и челични кабли кои се фиксирани од основата до лакот на мостот, напиша Рама.

Мостот е дизајниран од еден од најпознатите италијански архитекти, Џорџо Рицо, овој мост дава решение за стар спој што ги поврзува двете страни на патот со националниот пат, заменувајќи го постоечкиот стар мост и значително го олеснува сообраќајот во таа област.

Пронајдете не на следниве мрежи: