Дубаи чоколадото ги воодушеви корисниците на ТикТок, а името го доби поради тоа што можеше да се купи само во овој град во Обединетите Арапски Емирати.
Кадаиф – тестото е составен дел на бројни грчки и турски десерти, а исто така е една од состојките на Дубаи чоколадото кое стана огромен хит на социјалните мрежи.
Во меѓувреме, оваа млечна чоколада полнета со крем од ф’стаци и кадаиф – тесто стана толку популарна што почна да се извезува во други земји во светот, а на социјалните мрежи се појави и рецепт како може да се направи за сите оние кои сакаат да ја пробаат но не можат да ја купат.
Ф’стаци, таан и кадаиф
Надворешниот дел треба да биде сладок и мазен, но вистинската „ѕвезда“ на ова чоколадо е филот од ф’стаци, таан и кадаиф, кои заедно му даваат кремасто – крцкава текстура и вкус на јаткасти плодови и го оставаат без текст секој оној кој ќе ја вкуси.
Ова чоколадо може да се направи без посебни кујнски помагала, и само со употреба на обичен калап за леб прекриен со хартија за печење. Меѓутоа доколку сакате автентично искуство користете силиконски калап за изработка на чоколади.
Состојки:
250 грама млечно чоколадо
180 грама крем од ф’стаци
75 грама кадаиф – тесто
30 грама путер
10 грама таан
Една мала лажица кокосово масло
Прстофат сол
Подготовка:
Во тавче загрејте малку путер, и потоа додадете го претходно иситнетото кадаиф-тесто и пржете го на загреаниот путер.
Пржете го кадаифот неколку минути додека да стане крцкав и додека добие златно-кафеава боја.
Потоа измешајте го крцкавиот кадаиф со крем од ф’стаци и таан.
Потоа, чоколадото растопете го на пареа или во микробранова печка со малку кокосово масло.
Половина од растопената чоколада премачкајте ја преку силиконскиот калап. Потоа калапот наполнете го со претходно подготвениот фил од ф’стаци и кадаиф, а на крајот додадете го остатокот од растопеното чоколадо.
Вака подготвеното чоколадо ставете го во замрзнувач половина час за да се стврдне, по што ќе биде подготвено за дегустација.