Економската политика на Трамп ќе ѝ донесе проблеми на Германија?

Економската политика на Доналд Трамп, кој беше реизбран за претседател на САД, ќе донесе големи проблеми за Германија и ЕУ, смета минхенскиот економски институт „Ифо“.

Се очекува најавените високи дополнителни царини за увоз од други делови на светот да предизвикаат значителен пад на извозот во САД, но и во Кина, резимира СТА во извештајот на Институтот, пренесен од „Форбс“.

„Трамп се залага за високопротекционистичка економска програма заснована на високи увозни тарифи и други ограничувања на меѓународната трговија, особено во односите со Кина и потенцијално Европа“, предупреди претседателот на „Ифо“, Клеменс Фуест, и препорача соодветни мерки на претпазливост на оние што донесуваат одлуки.

Германските извозници, за кои САД се најголемиот извозен пазар, ќе се соочат со огромни загуби доколку Трамп ги исполни предизборните ветувања за царини од 20 отсто за увоз од сите трговски партнери и 60 отсто царини за увоз од Кина. Во исто време, Трамп постојано, дури и во текот на оваа кампања, зборуваше многу негативно за односот на ЕУ со САД во економската и трговската сфера.

Според процената на „Ифо“, ваквите мерки само во Германија би предизвикале економска штета од 33 милијарди евра. Германскиот извоз во САД би можел да се намали речиси 15 отсто, а извозот во Кина исто така приближно 10 отсто, поради индиректните ефекти од падот на трговијата меѓу САД и Кина.

Минатата година германските компании извезоа стоки во вредност од 157,9 милијарди евра во САД, со што најголемата национална економија во светот стана најважен германски извозен пазар деветта година по ред. Во меѓувреме, увозот од САД достигна 94,7 милијарди евра, што ги прави САД да бидат на трето место меѓу германските увозни партнери.

Во меѓувреме, лани компании од цела ЕУ извезле стоки во вредност од 502,3 милијарди евра во САД, а од таму увезле 346,5 милијарди евра. ЕУ забележа трговски суфицит од 155,8 милијарди евра.

Пронајдете не на следниве мрежи: