Скопското обвинителство информира дека е поднесено обвинение против скопјанец кој нелегално почнал да гради хотел во Старата скопска чаршија.
Основното јавно обвинителство Скопје, по спроведена истражна постапка, поднесе Обвинителен акт против едно лице за кривично дело – Бесправно градење од член 244-а став 1 од Кривичниот законик.
Обвинетиот 60-годишник, во текот на 2018 и 2019 година, во својство на инвеститор, во Старата скопска чаршија, на постоечки објект – дуќан од 93 м2 во негова сопственост, извел надградба од ходници, скали, лифт, рецепција и други простории, а на соседна парцела извршил целосна изградба на објект – хотел со подрум, 4 ката и поткровје, без да поседува одобрение за градење од надлежното министерство, но и без основен конзерваторски проект и конзерваторско одобрение од Управата за заштита на културно наследство, велат од Обвинителството.