Медведев: Можно е Русија да анектира уште украински територии

Поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев предложи можност за натамошна анексија на територија на Украина, јави германската новинска агенција ДПА.

На партискиот конгрес на партијата Единствена Русија во Кремљ, Медведев во петокот рече дека е неопходно да се развијат регионите кои се веќе присоединети кон Москва – Доњецк, Луганск, Запорожје и Керсон.

„Тоа искуство, инаку, би можело да биде од помош доколку кај нас се појават уште нови региони кои се многу блиску“, вели Медведев.

Медведев останува влијателен како претседател на партијата Единствена Русија и заменик-шеф на Советот за национална безбедност на Русија.

Русија, која започна војна против Украина во февруари 2022 година под изговор дека го штити цивилното население на Донбас што зборува руски, досега само делумно ги окупираше четирите региони, но бара нивно предавање од Киев како предуслов за мировни преговори.

Москва постојано се заканува со дополнителни анексии доколку Украина не го прифати барањето.

Пронајдете не на следниве мрежи: